Полскиот вицепремиер задолжен за национална безбедност ги повика своите сонародници да ги „бранат црквите“ од вандализам и од демонстрации за абортус.

Како што пренесе агенцијата „Франс прес“, „католичките цркви станаа ново бојно поле во борбата за правата на абортусот во Полска“ по одлуката на Високиот суд за заштита на неродените деца со попреченост, како што е Дауновиот синдром, од абортус.

Министерот за безбедност, Јарослав Качински, од владејачката партија во Полска, Закон и правда (ПиС), рече дека протестите против црквите, кои вклучуваат вандализам, малтретирање на католички свештеници и прекинати миси, се обид за уништување на Полска.

И папата Фрациско се осврна на прашањето во средата, охрабрувајќи ги Полјаците кои се против абортусот да стојат цврсто во одбраната на животот и спротивставувањето на абортусот. Папата повеќепати го осуди абортусот, споредувајќи го со ангажирање платен убиец да извади дете, а минатата недела рече дека сонува за иднина во Европа каде што абортусот повеќе не е легален.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки ги осуди протестите против црквите како варварство, а претседателот Анджеј Дуда ги нарече навреда за верските чувства.

Познањскиот архиепископ Станислав Гадецки, претседател на полската Бискупска конференција, рече дека Црквата не може да престане да го брани животот, ниту, пак, може да пропушти да нагласи дека секое човечко суштество мора да биде заштитено, од зачнувањето до природната смрт.

– Црквата по ова прашање, како што честопати вели папата Француско, не може да прави компромис затоа што ќе биде виновна за културата на отфрлање што е толку распространета денес, а секогаш ги погодува најсиромашните и најранливите – рече архиепископот, барајќи од верниците да се молат за неродените деца, за родителите што чекаат деца и за преобратување на оние кои користат насилство.

Минатата недела демонстрантите ги прекинаа католичките миси низ Полска во знак на протест против одлуката на судот. Во Познан, Варшава, Вроцлав, Краков и други градови демонстрантите упаднаа во црквите додека се одржуваа службите, соочувајќи се со свештениците со непристојност и чкртајќи по ѕидовите пароли и телефонски броеви на клиники што вршат абортус.

Понатамошни протести се очекуваат подоцна денеска, како и за време на викендот.