Македонија, според препораките на германскиот експерт Рајнхард Прибе, мора да спроведе реформи во владеењето на правото ако сака да биде дел од ЕУ. Но Унијата има свои проблематични деца, кои токму поради непочитување на правните норми може да бидат казнети со губење на правото на глас во ЕУ

Европската комисија се закани дека ќе преземе санкции против Полска ако нејзината влада продолжи да ги малтретира судиите што се консултираат со Европскиот суд на правдата (ЕСП) за законитоста на реформите во државата. Предупредувањето го упати Франс Тимерманс, потпретседател на Европската комисија задолжен за владеење на правото во членките на ЕУ, кој нагласи дека сите земји на Унијата мора да ги почитуваат правните норми.
Тимерманс беше повикан да интервенира од најголемата асоцијација на судии во Полска, „Јустиција“. Полските судии во писмо апелираа до потпретседателот на Комисијата на ЕУ да ја тужи евроскептичната влада на Полска поради малтретирање на судиите што ја оспоруваат законитоста на судските реформи на Владата и бараат мислење од ЕСП. Тие наведоа дека членовите на судскиот совет се соочени со „репресивни дисциплински мерки“, а самиот совет со новите законски измени е назначен од политичари од владејачкото мнозинство.
– Дисциплинските постапки обично се поведуваат против судии што застануваат во одбрана на владеењето на правото, меѓу другото, со едукативни акции, состаноци со граѓани и со меѓународни активности. Затоа апелираме Полска да биде изведена пред судот на правдата на ЕУ за прекршување на регулативите со поведување дисциплински постапки против судиите – се вели во писмото до потпретседателот на Европската комисија, во кое увид имал Ројтерс.

Тимерманс пред состанокот на министрите на ЕУ, кои во вторникот разговараа за почитувањето на владеењето на правото во Полска, нагласи дека Владата во Варшава не смее да врши притисоци и да влијае врз судскиот систем.

– Секој полски судија е и европски судија, па никој не треба да се меша во правото на судијата да поставува прашања до Европскиот суд на правдата – порача Тимерманс, додавајќи дека ако судиите се соочуваат со дисциплински мерки затоа што поставуваат прашања до судот во Луксембург, тогаш Комисијата ќе биде принудена да дејствува, но не образложи како.

Владејачката полска партија на правото и правдата (ПИС) уште од 2016 година е во конфликт со Европската комисија поради односот кон националните судови. Повеќето земји од ЕУ ја поддржуваат Европската комисија во спорот.

– Комбинираниот ефект на законските измени може да ја доведе во опасност независноста на судството и поделбата на власта во Полска. Затоа не се доволни досегашните измени направени од полските власти – оценуваат германскиот и францускиот министер за европски прашања, Михаел Рот и Натали Лојсо.

Загрижена дека Владата ги прекршува основните демократски стандарди во земјата со 38 милиони жители, Европската комисија поведе постапка за да испита дали Полска го почитува владеењето на правото. Постапката, која главно служи како средство за политички притисок, може да доведе до губење на правото на глас во ЕУ за членката што не го почитува владеењето на правото.

– Засега нема многу промени, а некои работи и се влошија – оцени Тимерманс.
ЕУ поведе слична постапка и против Унгарија, каде што евроскептичната влада на премиерот Виктор Орбан загрижува многу други земји на ЕУ, а Брисел ја предупреди и Владата на Романија да престане да влијае врз судскиот систем.