Полска го повикала рускиот амбасадор на консултации поради протерувањето на полскиот дипломат, кој е обвинет за учество во протестите за поддршка на затворениот опозиционер Алексеј Навални.

– Полската страна очекува руските власти да ја поништат оваа погрешна одлука – се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.

Во спротивно, како што се наведува, Полска си остава можност да преземе соодветни чекори, пренесува „Ројтерс“.

Русија денеска протера тројца европски дипломати од Германија, Шведска и Полска поради учество во забранетите собири за поддршка на опозицискиот активист Алексеј Навални.

Руското МНР објави дека тројцата дипломати учествувале во незаконските демонстрации на 23 јануари.

– Ваквите активности се некомпатибилни со статусот на дипломатите – соопшти Министерството.

Овој потег, беше проследен со експресни реакции од германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.