НА ПОВИДОК НОВИ ТЕНЗИИ МЕЃУ НАТО И РУСИЈА

Вашингтон најави дека планира да повлече дел од своите војници стационирани во Германија, а Полска се понуди како нивен нов домаќин

Најавата на Вашингтон за намалување на контингентот на американските сили во Германија предизвика критики од земјата-домаќин и ги изненади американските сојузници во НАТО. Истовремено, Полска веднаш понуди да биде домаќин на дел од американските сили. Ваквиот развој на настаните би можел дополнително да ги заостри односите меѓу Русија и НАТО.

„Волстрит џурнал“ минатата недела објави дека администрацијата на Доналд Трамп наредила намалување на бројот на американски сили стационирани во Германија за 9.500 војници, односно сведување на вкупниот број на 25.000 војници. Претставниците на НАТО сè уште не го коментираа планот за повлекување на Вашингтон. Ова е најновата од низата воени одлуки на САД, кои ги изненадија американските сојузници во изминатите месеци, вклучувајќи ги и повлекувањето на американските сили од северна Сирија и убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани, што го принуди НАТО да ја прекине својата обука за мисијата во Ирак годинава.

Во моментов во Германија се стационирани 34.674 американски војници, вклучувајќи 20.774 припадници на копнените сили и 12.980 припадници на американското воено воздухопловство, според извештаите на Пентагон. Во Германија се стационирани најмногу американски војници во однос на која било друга европска земја, а американската воена инфраструктура во Штутгарт беше клучен центар за мисиите во Авганистан и Ирак.

Односите на Германија со САД се „комплицирани“, според германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, кој изрази жалење за планот за повлекувањето на американските војници од Германија. Тој нагласи дека Германија ја цени децениската соработка со американските сили и додаде дека таа била во интерес на двете држави. Сепак, Мас призна дека има проблеми во врските меѓу Германија и САД, нагласувајќи дека двете земји се партнери во трансатлантската алијанса, но дека нивните односи се „комплицирани“.

Високи претставници од владејачкиот конзервативен блок на германската канцеларка Ангела Меркел изминатиот викенд ја критикуваа одлуката на Трамп да ѝ нареди на американската војска да повлече 9.500 војници од Германија.
Неименуван американски официјален претставник за Ројтерс изјави оти повлекувањето на силите е резултат на повеќемесечна работа на највисокиот американски воен офицер, генералот Марк Мили, и дека нема никаква врска со тензиите меѓу Трамп и Меркел, кои го спречија планот на Трамп да биде домаќин на состанок на Г7 овој месец.

– Плановите уште еднаш покажуваат дека администрацијата на Трамп ја занемарува елементарната лидерска задача да ги вклучи партнерите од алијансата во процесите на донесување одлуки – изјави Јохан Вадефул, портпарол на парламентарната група на владејачките демохристијани.

Според него, сите партнери на НАТО имаат корист од кохезијата на Алијансата, додека од раздорот имаат корист само Русија и Кина и затоа Вашингтон треба да му посвети поголеми внимание на овој проблем. Тој оцени дека ова е уште еден потсетник за Европејците да се позиционираат подобро во однос на безбедносната политика.
– Ваквата одлука може сериозно да влијае на односите меѓу Германија и САД – оцени владиниот координатор за трансатлантска соработка Питер Бејер.

Сосема различни реакции дојдоа од Полска, во која во моментот се сместени помалку од 5.000 американски војници. Официјална Варшава изрази надеж дека некои од американските сили што ќе бидат повлечени од Германија ќе бидат прераспределени во Полска, со што би се зајакнало источното крило на НАТО. Според Варшава, одлуката сега е на американска страна. Полската влада објави план да ја модернизира армијата и ги повика САД да изградат постојана американска база во земјата. Планот наречен „Тврдината Трамп“ е обид да се убеди американскиот претседател да го засили американското воено присуство во Полска, бидејќи Варшава смета дека постојана голема американска воена база би помогнала во борбата против евентуална руска агресија, посочува Еурактив.

Американски официјални претставници, исто така, ја гледаат Полска како нов дом на нуклеарниот арсенал на САД во Европа, откако германските социјалдемократи ја отворија дебатата за тоа дали земјата треба да остане под заштитниот нуклеарен чадор на Вашингтон. Дебатата за префрлање на нуклеарното оружје на САД во Полска предизвика реакции од Русија.

Подготвил: Игор Даниловиќ