Полскиот врховен суд предупреди дека земјата би можела да биде принудена да ја напушти Европската Унија поради предлозите за реформи на судството. Предлозите предвидуваат разрешување на судиите доколку тие ги доведат во прашање владините судски реформи. Врховните судии оценуваат дека предлозите се закануваат на приматот на правото на ЕУ и оти би можеле да бидат обид за замолчување на судството. Полска веќе беше изведена пред Европскиот суд за правдата поради нејзините закони за судиите

Полскиот врховен суд предупреди дека земјата би можела да биде принудена да ја напушти Европската Унија поради предлозите за реформи на судството. Предлозите предвидуваат разрешување на судиите доколку тие ги доведат во прашање владините судски реформи. Врховните судии оценуваат дека предлозите се закануваат на приматот на правото на ЕУ и оти би можеле да бидат обид за замолчување на судството. Полска веќе беше изведена пред Европскиот суд за правдата поради нејзините закони за судиите, пренесува Би-би-си.
Во согласност со предлозите, поднесени од владата на конзервативната Партија на правото и правдата, судиите може да бидат казнети поради ангажирање во „политичка активност“. Секој судија што би го довел во прашање легитимитетот на судиите номинирани од Националниот судски совет може да се соочи со парична казна, а во некои случаи дури и да биде разрешен. Се очекува политичарите денеска да дискутираат за поднесените предлози.

Владејачката партија тврди дека законските измени се потребни за сузбивање на корупцијата и реформи на судскиот систем, кој, според неа, и понатаму е прогонуван од комунистичката ера. Но ЕУ ја обвинува Партијата на правото и правдата дека го политизира судството уште откога дојде на власт во 2015 година.
Врховниот суд соопшти дека партијата го поткопува принципот за првенство на законот на ЕУ над националните закони.

– Контрадикциите помеѓу полскиот и законот на ЕУ најверојатно ќе доведат до интервенции од институциите на Унијата, поради непочитување на европските договори, а на долг рок ќе доведат до потребата за напуштање на ЕУ – се наведува во соопштението на полскиот врховен суд.

Покрај тоа, врховните судии предупредуваат дека предложениот закон е очигледно дизајниран за да му овозможи на претседателот Анджеј Дуда да го избере новиот претседател на судот пред претседателските избори во мај 2020 година.