Германија и понатаму е во шок откако 27-годишната Кристијана во Золинген ѕверски ги уби своите пет деца на возраст од една до осум години, а најстариот син го поштедила.

На срцепарателните фотографии се гледаат мечиња и пораки оставени пред зградата каде што се случи убиството, додека една слика е особено болна, на која се гледа отпечаток од детска рака на прозорецот. На фотографиите пред влезот во домот се гледаат детска количка, велосипед и чевли.

Германските медиуми пренесуваат дека судијата издал налог за апсење на мајката поради сомнеж дека во четвртокот ги убила своите пет деца – Лука – 8 години, Тим – 6 години, Софија – 3 години, Лени 2 години и Мелина на една година. За тоа време најстариот син, 11-годишниот Марсел бил во училиште, иако на почетокот се шпекулираше дека присуствувал на злосторството. На социјалните мрежи кружи и фотографија на која мајката го бакнува својот најстар син кога бил помал, чиј живот од засега непознати причини го поштедила.

Кристијана Н. поставила доручек, а потоа ги убила децата на масата. Наводно ги дрoгирала со седативи, пренесуваат медиумите. Истражителите се сомневаат дека мајката го извршила овој грозоморен злочин откако се разделила со сопругот и била емоционално нестабилна. Пред да се случи ова злосторство, таа една година живеела одвоено од својот последен маж. Како што пренесува Билд, Кристијана се омажила во 2014-та година, имале 4 деца, а со нив живееле уште две деца од нејзините претходни врски.

Полицијата ги пронашла децата мртви во четвртокот во нивните кревети во семејниот дом. Жената по ужасниот злочин, отишла по најстариот син во училиште и му рекла дека во семејството имало смртен случај. Седнале во воз за Дизелдорф, а потоа се збогувала од него, кога тој менувал воз за друго место, каде наводно требало да ја посети баба му.

Кристијана и пратила порака на својата мајка, признавајќи што направила, а по 20 минути на станицата во Дизелдорф се фрлила под воз. Таа има сериозни повредни, не не опасни по живот. Децата се убиени помеѓу средата попладне и четвртокот наутро, пренесуваат германските медиуми. Полицијата морала да ја обие вратата во станот, а според надлежните, најстариот син, можеби преживеал затоа што бил на училиште.