Полицијата во областа Вилтшир се уште не знае дали е извршено кривично дело врз мажот и жената, кои во саботата беа пронајдени во критична состојба во нивниот дом во Амсбери.

– Во оваа фаза не е јасно дали е извршено кривично дело, изјави  заменик-началникот на локалната полиција  Пол Милс,  додавајќи дека истрагата продолжува „во блиска соработка со партнери“.

Четириесет и петгодишниот маж и четириесет и четиригодишната жена, жители на областа Вилтшир, добиваат медицинска помош во болница во градот Солсбери и се во критична состојба. Се претпоставува дека „биле изложени на непозната супстанца“.

Амсбери се наоѓа на 13 километри од Солсбери, каде што во март со нервен агенс беа затруени поранешниот руски двоен шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија.

Полицијата испитува дали на мажот и жената од Вилтшир им се случило истото што и на таткото и ќерката Скрипал.