Тим од истражители веруваат дека успеале да го открија идентитетот на озлогласениот сериски убиец познат како Зодијак, кој е во средиштето на мистеријата поврзана со повеќе убиства во САД кои се нерешени веќе половина век, пренесуваат светските медиуми.

Групата истражители, позната како „Решавачи на случаи“, е составена од 40 поранешни инспектори, новинари и воени разузнавачи. Тие го именуваа серискиот убиец како Гери Френсис Пост, ветеран на воздухопловните сили кој починал во 2018 година.

Зодијак долго време е предмет на бројни теории на заговор. Пет убиства извршени меѓу 1968 и 1969 година, како и два обида за убиство дирекно се поврзуваат со него, но неофицијално тој извршил многу повеќе убиства.

Зодијак испраќал писма до полицијата, во кои детално ги опишувал убиствата и барал тие да бидат објавени на насловните страници во весниците во Сан Франциско. Покрај деталните писма, убиецот праќал и шифрирани писма за кои  тврдел дека ќе го откријат неговиот идентитет доколку бидат декодирани. Во едно писмо, тој тврдел дека убил 37 лица, но тоа не е докажано. Две од неговите писма се дешифрирани, првото во 1969 година, а второто во 2020 година.

Една од главните индиции што доведе до наводната идентификација на убиецот го вклучува тврдењето на тимот дека пост го извршил убиството на Шери Џо Бејтс во 1966 година, две години пред да се случат потврдените убиства во Зодијак. Како главен доказ се наведува тврдењето дека тој е убиецот на Бејтс во писмо до „Лос Анџелес Тајмс“ во 1971 година, но голем број истражители се скептични за автентичноста на писмото и воопшто не веруваат во тврдењето.

Тимот од истражители се пожалил дека полицискиот оддел на Риверсајд одбивал да спореди ДНК земена од Пост со доказите во случајот за убиството на Бејтс. Полицијата притоа истакнувала дека одделот останува скептичен во врска со поврзаноста со Зодијак и покрај тоа што ФБИ ја окарактеризира Бејтс како шестата жртва во 1975 година.

И покрај новите докази, федералните и полициските инспектори кои се обидуваат да ја решат мистеријата веќе 52 години, за весникот „Сан Франциско Хроникал“ изјавија дека најновата теорија не држи вода. Новата теорија на истражителите делумно се базира на физичката сличност на лицето на Пост, кој имал иста лузна на челото како и наводниот убиец опишан за полициската скица направена во 1969 година.

– Случајот со Зодијачкиот убиец останува отворен. Во моментов немаме нови информации за споделување – изјавија од ФБИ за „Сан Франциско Хроникал“.

Низ текот на годините, Зодијак е предмет на бројни теории на заговор. Некои сметаат дека всушност станува збор за две лица, од кои едното е убиецот, а другото ги пишувало и праќало писмата до полицијата. Еден човек тврдел дека убиецот е неговиот починат татко, додека друг тврдел дека убиецот е негов пријател, кој ги признал злосторствата пред да почине во 2002 година.

Меѓутоа, единствениот човек кој досега бил официјално осомничен дека е Артур Ли Ален од Валехо, Калифорнија, кој починал во 1992 година.

„Сан Франциско хроникал“ и полицијата во Калифорнија секоја година добиваат стотици дојави за потенцијални осомничени, како и голем број решенија за шифрираните пораки на Зодијак.