Најмалку 12 лица, од кои 11 мажи и една жена, беа уапсени во првата акција на полицијата на Хонгконг по упадот и вандализирањето на парламентот во понеделникот. Најстариот од уапсените има 31, а најмладиот само 14 години, пренесува „Гардијан“.

Полицијата денес соопшти дека лицата биле обвинети за поседување на оружје, напад врз полициско лице, попречување на полициски службеник, неносење на документи за идентификација и слично.

Во Хонгконг веќе некое време има масовни протести поради воведувањето на новиот закон за екстрадиција. Измените на законот треба да ја поедностават процедурата за одобрување на екстрадиција на осомничени во други земји, вклучувајќи ја и Кина, Макао и Тајван.

Целта на демонстрантите во понеделникот беше да ја прекинат годишната церемонија за кревање на знамето на која присуствуваа високи претставници од Хонгконг и Кина, во пресрет на годишнината од предавањето на оваа поранешна британска колонија на Кина.

Полицијата синоќа собра остатоци од внатрешноста на парламентот како доказен материјал и објави фотографии на нивниот профил на Фејсбук од цигли, метални шипки и штитови уредно наредени пред уништениот парламент.

– Полицијата со сигурност ќе ги следи доказите и оние кои сториле незаконско дело ќе бидат изведени пред лицето на правдата – стои во соопштението на полицијата.