Француската полиција го ослободи 39-годишниот бегалец од Руанда од какво било сомнение во врска со подметнувањето на пожарот во готскатата катедрала во Нант и тој бил пуштен на слобода по сослушувањето, соопштија властите.

– Тој не е инволвиран. Нелогичностите во неговите први изјави се разјаснети – рече државниот обвинител Пјер Сенес.

Приведениот бегалец од Руанда работел во катедралата како доброволец и имал задача да ја заклучи во петокот вечерта. Три пожари избувнаа во црквата во саботата, а властите објавија дека започнале истрага за подметнување пожар.

Десетици пожарникари успеаја да го стават пожарот под контрола по неколкучасовна борба, но тој го уништил оргулите и стаклата на црквата.

Овој пожар избувна само една година по големиот пожар во катедралата Нотр Дам во Париз во кој беа уништени покривот и врвот на кулата.

Сепак, во Нант штетата не е толку голема како што првично се чинеше.

Оваа црква делумно била уништена и за време на Втората светска војна, во бомбардирања. Пожар во 1972 година целосно го уништил покривот. Катедралата била обновена 13 години подоцна, кога дрвениот покрив бил заменет со бетонска конструкција.

– Се сеќаваме на пожарот во 1972 година, но во оваа фаза ситуацијата е неспоредлива – рече градоначалничката на Нант, Жоана Ролан пред новинарите.