Полицијата во Хонгконг соопшти дека во иднина во судир со хулиганите ќе користат специјална боја, со којашто ќе ги прскаат сите оние коишто ќе предизвикуваат немири, за да можат подоцна да ги идентификуваат.

Претставник на полицијата изјави дека обезбедиле „преносни машини за распрскување на боја“ и дека ќе ги користат за обележување на маскирани насилници, со цел при интервенцијата да не настрадаат оние кои сакаат мирно да протестираат.

Бојата што ќе се користи е безопасна, но полицијата предупреди дека го задржува правото да ја стави во контејнери со солзавец, доколку процени дека тоа е потребно. Исто така се вели дека Кина не е прва земја чија полиција користи боја за обележување на насилниците.

Демонстрациите во Хонгконг започнаа на 9 јуни поради законот којшто предвидува екстрадиции на централните власти во Кина. Законот подоцна беше суспендиран, но протестите не престанаа, туку се претворија од мирни во насилни. Досега се уапсени над 500 лица, а 139 полицајци беа повредени во судирите.