Апсењето на афроамериканецот Доналд Нили (43) во Галвестон, Тексас, при кое двајца бели полицајци на коњи го спроведуваат осомничениот за упад на туѓ имот, врзан со јаже, ја вознемири Америка, откако фотографиите од инцидентот беа објавени во јавноста.

Полицијата на американската сојузна држава Тексас набргу се извини за третманот на уапсениот афроамериканец, за кое тамошниот шеф на полицијата изјави дека предизвикало „непотребен срам“. Во полициското соопштение се наведува и дека не било употребено јаже, туку полициска врвка закачена за лисиците на уапсениот.

– Оваа техника на спроведување на уапсените од страна на полицајци на коњи се смета за најдобра во одредени случаи, како на пример справување со толпа, но таа не беше искористена соодветно во оваа ситуација – соопшти полицијата, додавајќи дека „полицајците направиле лоша проценка“.

Адвокатот Бенџамин Крамп беше меѓу најгласните критичари на полицијата.

– Кога го влечат Доналд Нили со коњи и јаже, тоа е како да ја влечат целата наша заедница. Ова не е 1819 година, ова е 2019-тата. А таа слика не врати во 1819 година, како тие да беа ловци на одбегнати робови, а Доналд Нили е роб кој е влечен со јаже и коњ – реагираше адвокатот. 

Нили, кој помина 20 часа во притвор, е бездомник во последните седум години. Тој страда од биполарно нарушување и не прима лекарства. Неговото семејство го барало кога фотографиите од апсењето биле објавени. Тој и е познат на полицијата од претходно, поради слични инциденти со упаѓање на туѓ имот, а припадниците на законот имаат увид за неговите здравствени проблеми. Нили бил предупреден да ја одбегнува локацијата на која бил уапсен.