Француската полиција утринава почна операција за евакуација на два кампa во североисточниот дел на Париз во кои се наоѓаат меѓу 600 и 1.200 мигранти.

Околу 600 полицајци ги спроведуваат лицата, најчесто странци без документи кои живеат во шатори во близина на обиколницата на Париз. Тие со автобуси се носат во прифатни центри во Ил де Франс.

Големата акција се одвива во контекст на зацврстување на реториката за миграциската политика и само еден ден по заложбата направена од министерот за внатрешни работи, Кристоф Кастанер. Тој вчера увери дека камповите во североисточниот дел на Париз треба да бидат преместени до крајот на годината.

-Не можам да оставам ситуација со опасност од ваков вид, не само за луѓето што се населуваат покрај сообраќајниците, туку и за возачите, сето тоа не може да трае повеќе – објасни за присутните новинари началникот на париската полиција Дидиер Лалемент.

Според проценката, во Франција живеат околу 20.000 бездомници и мигранти без покрив на главата, од кои дури 3.000 во Париз.