Министерот за внатрешни работи на Италија, Матео Салвини, се соочува со силен отпор за идејата за организирање на предвремени парламентарни избори во земјата. Неговиот поранешен коалициски партнер, движењето Пет ѕвезди и централно-левичарската опозиција сега прават политички маневри за да спречат изгласување недоверба на владата, објави „Дојче веле“.

Салвини ја прекина 14-месечната тензична соработка со движењето Пет ѕвезди на Луиџи Ди Мајо минатата недела и побара гласање за доверба на владата, со надеж дека ќе принуди предвремени парламентарни избори уште во октомври.

Но, неговиот план се соочи со отпор од дргуите партии, кои се загрижени дека предвремените избори ќе создадат нова криза во Италија и ќе му овозможат на контроверзниот десничар да ја преземе премиерската функција. На Салвини му е неопходна поддршката од другите партии за да успее да изгласа недоверба на владата.

Поранешниот италијански премиер Матео Рензи, кој сѐ уште има влијание со Демократската партија, предложи партиите во италијанскиот политички спектрум да се обединат за да формираат привремена влада и така да ја спасат земјата од екстремистичкиот пат на Матео Салвини.

Поранешниот коалициски партнер на Салвини, Ди Мајо, исто така ги критикуваше плановите на министерот за внатрешни работи, опишувајќи ги како „глупави и опасни“.

И додека Демократската партија и движењето Пет ѕвезди не се согласуваат за многу прашања, тие би можеле да соработуваат за да се спротистават на плановите на Салвини.

Лига во моментов има поддршка од 36 до 38 отсто во јавноста во Италија, двојно повеќе отколку на изборите минатата година, што овозможи Пет ѕвезди да стане партијата со најмногу пратеници во парламентот. Пет ѕвезди сега имаат поддршка од 17 отсто, скоро двојно помалку отоколку што имаа на минатите избори.

Во неѓувреме, поддршката за Демократската партија е на околу 23 отсто, што е покачување за неколку процентни поени по големиот пораз на изборите во 2018 година.