Пјера Ајело беше избрана во италијанскиот парламент откако помина безмалку три децени во програмата за заштита на сведоци

Луѓето кои се кандидираат за пратенции не пропуштаат прилика да ги стават своите лица на постери, летоци и на реклами на социјалните медиуми додека ја водат кампањата. Тоа не е случајот со Пјера Ајело од италијанското движење „Пет ѕвезди“ која беше избрана без да го покаже лицето, пишува „Њујорк тајмс“.

Ајело која е родена во Партана на Сицилија, на 18-годишна возраст беше присилена да стапи во брак со синот на мафијашкиот бос Вито Атрија, во 1985 година. Во 1991 година, еден од ривалите од мафијата одлучи да го убие нејзиниот сопруг. Убиството се случи пред неа, по што Ајело сведочеше против злосторниците, што доведе до апсењето на повеќе членови на организираниот криминал. Храбрата Италијанка влезе во програмата за заштита на сведоци, со што мораше да го смени името и да ја напушти Сицилија. 

Кога движењето „Пет ѕвезди одлучи да ја кандидира под нејзиното вистинско име во 2018 година, таа ја прифати понудата под услов да го сокрие ликот – и победи. Ајело излезе во јавност по завршувањето на гласањето. 

Таа и денеска има полициска придружба, која не ја следи единствено во италијанскиот парламент. Ајело оттогаш е премажена и има три ќерки. Пратеничката сега е насочена кон изготвување на антимафијашки закони. Водена од сопственото искуство, таа помага за заштита на две категории на загрозени луѓе – оние кои сведочат против мафијата и претрпиемачите кои го креваат гласот против рекетирањето.

Нејзин ментор беше Паоло Борселино, судијата и обвинителот од Палермо кој го посвети животот на борбата против мафијата. Тој беше убиен во атентат со автомобил-бомба, на Сицилија во 1992 година.

Таа посочи дека околностите на Сицилија се смениле во изминатите 30 години.

– Има повеќе закони и мафијата е повеќе во фокусот на јавноста. Има предмети во школите и важни антимафијашки асоцијации кои разговараат со децата штитејќи ги идните генерации од организиран криминал – истакна пратеничката, додавајќи дека „мафијата е феномен која сигурно ќе има свој крај“.

Нејзиниот парламентарен мандат истекува во 2023 година, но таа не е сигурна дали ќе се кандидира повторно.

– Оваа средина навистина не е создадена за мене. Политиката не е чиста, не е транспарентна. Има зделки и матни компромиси што не ми се допаѓа – заклучува Ајело.