Автори: Сузана Џорџ, Азиз Тасал, Хак Наваз Кан

Вашингтон пост

Талибанскиот преговарачки тим кој ќе ја одреди судбината на Авганистан во преговорите со авганистанската влада е сочинет од 21 лице, од кои повеќето се веќе белобради и со биографии кои датираат уште од ерата на војната против Советскиот Сојуз. Речиси сите преговарачи потекнуваат од старата гарда на организацијата, а многумина служеле во владата од сенка на милитантната група, која се ширеше додека растеше територијалната контрола и влијанието на талибанците. Неколкумина се познати по поврзаноста со смртоносни напади, вклучувајќи и напади врз цивили, а другите не се познати надвор од групата. Преговорите, кои започнаа во септември во Доха, но наидоа на ќорсокак затоа што двете страни се спречкаа околу општите правила, се очекува да опфатат повеќе области, односно дали државата ќе остане да биде демократија, кој ќе ја контролира безбедноста и чии права ќе се штитат.

За едно озлогласено тајно движење, талибанските политички претставници и преговарачи во Доха се претставија во ретко јавно светло. Талибанскиот лидер, Хајбатула Ахунџада, со години се немаше појавено во јавност, а малку се знае за барањата на групата, освен тоа што сакаат исламскиот закон да управува со Авганистан. Сепак, изборот на преговарачи за талибанците дава увид во визијата на движењето за иднината на Авганистан. Клучниот предизвик за талибанците ќе биде одржување на командата врз илјадници обични борци, затоа што преговорите најверојатно ќе резултираат со компромиси со владата против која се борат две децении. Но талибанските лидери велат дека новите членови на преговарачкиот тим, од кои многумина ги воделе теренските борби до пред неколку месеци, ја прават групата попретставителна за своите рангови и ќе помогнат во зачувувањето на единството.

Талибанскиот тим го вклучува главниот преговарач Абдул Хаким, неговиот заменик Абаз Станикзаи и пет талибански затвореници ослободени во затворската размена од 2014 година од американскиот воен затвор во Гвантанамо, Куба. Исто така на преговарачката маса е присутен и Анас Хакани, чие семејство го врзува со мрежата на борци кои несомнено беа едни од највлијателните и најсмртоносните во талибанските редови.

Хаким како врховен судија на талибанската судска мрежа до пред неколку месеци не беше познат надвор од рамки на движењето, пред да биде назначен да ги води преговорите. Малку се знае за неговото претходно искуство покрај позицијата на исламски учител почитуван меѓу талибанците, кој предавал на верското исламско училиште во Квета, Пакистан, каде што им бил учител на многумина од највисоките редови на групата. Шер Мохамед Абаз Станикзаи привично беше назначен да го води преговарачкиот тим, но само на неколку дена пред почетокот на преговорите, талибанските лидери соопштија дека всушнот ќе му биде заменик на Хаким. За разлика од поголемиот дел од потесниот круг на талибанците, Станикзаи воената обука ја заврши во Индија на почетокот на 1980-тите години пред да се приклучи во борбите против Советскиот Сојуз во Авганистан. За време на талибанската контрола на Авганистан, тој служеше во министерствата за надворешни работи и за здравство.

Петмината поранешни затвореници во Гвантанамо кои седнаа на преговарачката маса покрај американските претставници во Доха, останаа во тимот за преговори со делегацијата на авганистанската влада. Иако речиси дваесет години немаат стапнато на бојното поле, тие во рамки на движењето се едни од најпочитуваните фигури. Петмината беа ослободени во 2014 година во контроверзната затворска размена за армискиот наредник Боув Бердгал. За време на преговорите со САД, лицата беа заслужни за непопуларните чекори како привремено намалување на насилството на раководството на талибанците и обичните членови на групата. Во преговорите со авганистанската влада се очекува да играат слична улога.

Превод: Билјана Здравковска