Голем пожар избувна денес во Индискиот институт за серуми (SII), фабрика за производство на вакцини во градот Пуна.

Пожарот го гаснат повеќе пожарникарски екипи, соопшти началникот на противпожарната служба.
Три лица биле спасени од зградата, а причината за пожарот сè уште не е позната. Според последните информации, пренесени од „Тајмс оф Индија“, загинале пет лица. Информацијата дека има мртви ја потврди и извршниот директор на компанијата, Адар Пунавала.
Пожарот не ги зафатил магацините во кои имало околу 50 милиони дози од вакцината „Ковишилд“, ниту, пак, погоните во кои се произведува вакцината против ковид-19, објави телевизијата НДТВ, повикувајќи се на извор од институтот. Уништени се неколку ката.

Индискиот институт за серуми е најголемиот производител на вакцини во светот. Оваа година планира да произведе милијарда дози вакцини против ковид-19.

Индија планира да вакцинира 300 милиони луѓе до август. Го има вториот најголем број на заразени лица од почетокот на пандемијата, по САД.

Регистрирани се повеќе од 10,5 милиони случаи, а починале 153.000 луѓе.