Голем пожар го уништи градот Парадајс од 26.000 жители во северниот дел на американската сојузна држава Калифорнија, проголтувајќи цели квартови, болници, училишта, а властите сѐ уште не се сигурни колку луѓе настрадале бидејќи не можат да ја стават стихијата под контрола.

Пожарот го принуди населението на градот што се наоѓа на 240 километри северно од Сакраменто во масовно хаотично бегство.

Градот Чико со 93.000 жители е следниот на патот на пожарот засилен од ветерот што дува со брзина од речиси 60 километри на час низ подрачја погодени од суша.

Пожарот избувнал во четвртокот наутро и до вечерните часови опожарил околу 8.000 хектари површини, а пожарникарите не можат да го стават под контрола заради силните ветришта.

Спасувачите со булдожери ги расчистувале патиштата за да можат од болницата во пламен да ги спасат пациентите. Болницата во меѓувреме целосно изгоре.

Гувернерот на Калифорнија прогласи вонредна состојба на тоа подрачје.