Најмалку десет лица се повредени во пожар што зафати два танкера со нафта во јужнокорејското пристаниште Услан, соопштија припадници на крајбрежната стража, додавајќи дека пожарот e во голем дел изгаснат, пренесува „Ројтерс“.

Како што е наведено во соопштението, до експлозијата дошло на нафтениот танкер „Столт Гренланд“ кој плови под кајманско знаме. На танкерот имало 25 морнари, меѓу кои Руси и Филипинци.

Пожарот потоа се проширил и на друг танкер „Бау Далијан“, кој плови под јужнокорејско знаме, а бил закотвен покрај првиот танкер. На него имало 21 лице.

Сите морнари се спасени, но 10 лица, повеќето работници во терминалот, се повредени. Девет лица се државјани на Јужна Кореја, од кои еден е во критична состојба, а еден е од Индија.

Според официјални лица, пожарот во голем дел е изгаснат и пожарникарите вршат проверка дали има пламен внатре во бродовите, додека крајбрежната стража ја истражува причината за пожарот.