Голем пожар одзеде живот на еден пожарникар, а двајца се тешко повредени, додека огнот продолжува да се шири во област на фабрика во Санкт Петербург.

Околностите за избувнувањето на пожарот сè уште не се познати и пожарникарите продолжуваат да се борат со стихијата, која може да се види од историскиот центар на Санкт Петербург и зафаќа повеќе од 10.000 квадратни метри.
Во пожарот поради гушење загина еден пожарникар, а двајца се тешко повредени, пренесува „Франс Прес“. Огнот е сè уште силен и ги голта дрвјата во близина, а во гаснењето на пожарот учествуваат 350 пожарникари. Властите соопштија дека 40 лица биле евакуирани од фабриката. Истражниот комитет започна истрага за небрежност што довела до смрт.

Според државната новинска агенција ТАСС, за време на инспекцијата во февруари и март биле забележани голем број неправилности, особено недостаток на алармни системи и автоматско исклучување.

Фабриката Невски е голем комплекс од црвени тули, изграден од англиски индустријалец во 19. век, а долго време била една од најголемите фабрики за текстил во СССР. До денеска во него се сместени индустриски погони, еден дел е напуштен, а дел е изнајмен како трговски простор.