Додека големите пожари беснеат во Австралија, а околу 3,6 милиони хектари се зафатени од оган во сојузната држава Нов Јужен Велс, општ впечаток е оти политичарите не дејствуваат доволно во борбата со климатските промени, пренесува „Политико“.

Австралија периодов се соочува со големите пожари кои беснеат и се наоѓаат на самиот праг на Сиднеј. Пламенот проголта повеќе од 800 домови, а пожарникарите, голем број од нив волонтери, не се во можност да ги ставт пламените јазици под контрола поради големата суша и силните топлотни бранови.

Населението постојано купува маски за дишење, додека од небото паѓаат снегулки од пепел. Според научниците, пожарите во Австралија се директно поврзани со климатските промени, а за ситуацијата, на социјалните медиуми се одзва и активистката за климатски промени, Грета Тунберг.

– Дури ни катастрофите од ваков интензитет не носат никакво политичко дејствување. Како е возможно? Никако да ги поврземе климатските промени со големите еколошки катастрофи како пожарите на Австралија. Токму тоа треба да се промени – напиша Тунберг на социјалната мрежа Твитер.

На прашањето дали Австралија ќе преземе повеќе мерки во борбата со пожарите, премиерот Скот Морисон објасни дека голем број политичари ја искористиле катастрофата за да добијат политички поени кај гласачите. Според него, тоа е разочарувачко. Сепак, според него, дебатата за климатските промени нема да се одржи во наредните неколку недели.

Додека шумите и домовите горат, езерата и реките се сушат, додека луѓето ги губат животите, а некои животински видови се на работ на изумирање, австралиската влада се занимава со креативно сметководство. „Мрежата за климатски активисти“ на Австралија исто така и ја додели наградата „Фосил на денот“, награда доделувана на оние земји кои сториле најмногу за да ги блокираат преговорите за спроведување на Парискиот договор.

Но, можеби францускиот претседател Емануел Макрон и новата Европска комисија можат да ја принудат австралиската влада да го испочитува Парискиот договор, што би можело да помогне во гаснење на пожарите во Австралија.

Годинава, Европската комисија посочи дека планира со употребата на трговски договори за да воведе построги еколошки стандарди ширум светот. Во 2018 година, пак, Макрон вети нема да потпишува трговски договори со земји кои не го почитуваат Парискиот договор.

Откако Австралија го потпиша Парискиот договор, со ветување дека ќе ги намали емисиите на стакленички гасови за околу 28 отсто до 2030 година. Наместо тоа, нивото постојано расте, а Австралија се најде на дното на индексот за климатски промени од „Германвоч“. Исто така, наместо да го намали, Австралија го зголемува ископувањето на јаглен, наменет за извоз. Таа моментно е третиот најголем извозник на фосилни горива во светот. Кога ова ќе се промени, можеби коалите и пожарникарите ќе имаат поголеми изгледи да се изборат со пожарите.