Неочекуваната разврска околу купопродажбата на воени подморници, во која во последен момент Австралија ја смени својата одлука и реши да не купува поморска воена техника од Париз, сериозно ги вознемири меѓудржавните релации на повеќето западни сојузници и допре во срцевината на алијансите и партнерствата во кои членува Франција

Новиот пакт АУКУС дипломатска сопка за западните сојузници

Последната дипломатско-воена разврска околу купопродажбата на воени подморници, во која во последен момент Австралија ја смени својата одлука и реши да не набавува воена техника од Франција, може сериозно да ги раздвижи во непосакуван правец државните релации меѓу Париз и Лондон.
Вака констатираат главно западните медиуми, кои деновиве ги анализираат врските за пријателство меѓу Франција и Обединетото Кралство и со САД и Австралија по откажувањето на Канбера од француските подморници.
Имено, „Индипендент“ на оваа тема пишува дека односите се „оцрнети“ со пактот АУКУС и сега е „потешко отколку порано“ Франција да им верува на тие земји. Ова, според медиумот, го потврдил и претседателот на Француското национално собрание, Ричард Феранд, кој истакнал дека Франција наскоро ќе преземе реципроцитетни мерки кон државите што ги менуваат своите политики прекуноќ. Според официјален Париз, одлуката за откажување на договорот склучен во 2016 година за француските подморници во корист на партнерство со САД и Велика Британија претставува недозволиво однесување, а последиците допираат во срцевината на алијансите и партнерствата во кои членува Франција.
Во меѓувреме, британскиот премиер Борис Џонсон, свесен за можните последици по последните збиднувања, изјави дека релациите меѓу Велика Британија и Франција се многу силни, пријателски и неуништливи, и покрај гневот на Париз поради новиот договор САД – Велика Британија – Австралија.

– Нашата љубов кон Франција е неизбришлива – им рече Џонсон на новинарите на пат за Њујорк на Генералното собрание на ОН.
Од друга страна, пак, францускиот весник „Паризиен“ случувањата ги опишува како „нож во грб“ за Франција.
– Зошто Австралија во пет до дванаесет реши да ги одбие француските подморници „навал груп“, вредни 37 милијарди долари, во замена за пакт со Америка и Англија наречен АУКУС и да го растресе светскиот поредок? Во невиден преседан меѓу некогашните западни сојузници, Бајден успеа да ги убеди своите стари англосаксонски пријатели да му се придружат во борбата против Кина, а Франција веднаш ги повлече своите дипломати од овие земји – анализира весникот.
Во исто време, Би-би-си прашува што се крие зад идната стратегија на Макрон и дали Кина е во право кога вели дека трите земји од АУКУС имаат менталитет од Студената војна.

– Кога тогаш ќе се смират раскараните деца, кои, за разлика од малите земји, многу сериозно играат на светската сцена, макар и за еден договор за набавка на подморници – пишува Би-би-си.
Британскиот медиум посочува дека обновената оска Америка – Англија – Австралија против Кина – Русија ја доведува Европа во мат-позиција. Според медиумот, доколку Европа сака да биде посамостојна и да се тргне понастрана од случувања, Брисел ќе мора да биде „поблаг“ во односите со Кина и со Русија.
Инаку, според германските медиуми, неуспешната набавка на француските подморници „изгоре“ над 2,4 милијарди долари, на колку што се надеваше производителот, а веројатно ќе чини уште стотици милиони долари за раскинување договори. Светските медиуми пишуваат дека тоа ќе направи голем број проблеми и ќе предизвика многу реакции и истовремено ќе ги затегне односите меѓу членките на НАТО.