Ким Јо-јонг стана најважната фигура во севернокорејскиот режим по нејзиниот брат Ким Јонг-ун, пишува „Гардијан“. Откако ја претставуваше Северна Кореја на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг во 2018 година, Јо-јонг не само што се стекна со престижни титули во владејачката Работничка партија, туку се смета и за идеен творец на јавниот имиџ на Ким Јонг-ун. За возврат, таа ужива во апсолутната доверба на нејзиниот брат.

Јонг-јо е особено актуелна по гласините за влошената здравствена состојба на нејзиниот брат објавени од страна на Си-ен-ен. Јужна Кореја, пак, ги негираше информациите според кои Ким Јонг-ун е во критична состојба по операцијата на која бил подлегнат, наведувајќи дека не наишла на знаци во Северна Кореја кои упатуваат на таква вонредна состојба, пренесува „Кореја Хералд“.

Додека светот е зафатен од пандемијата, а Пјонгјанг тврди дека нема ниту еден забележан случај, подемот на Јо-јонг продолжува. Минатиот месец таа ја упати нејзината прва јавна изјава критикувајќи ја Јужна Кореја. А во март јавно го пофали американскиот претседател Доналд Трамп за испратено писмо до нејзиниот брат. Објавувањето на изјавите на Јо-јонг ја покажуваат нејзината централна улога во режимот.

– Забележително е дека Ким Јонг-ун и дозволи да напише и објави лична изјава за Јужна Кореја во така персонализиран тон. Јасно е дека тој е подготвен да и дозволи на сестра му да стане негово алтер его – вели Јонгшик Бонг истражувач од институтот за севернокорејски студии на универзитетот Јонсеи во Сеул.

Но, Јо-јонг наводно, претрпе последици кога нуклеарната дипломатија на Ким Јонг-ун не ги прикажа очекуваните резултати. Минатиот викенд таа беше преместна во моќното политбиро на партијата, откако пред околу една година беше тргната од позицијата. Таа го привлече вниманието и на САД кои во 2017 година ја ставија на црна листа „поради сериозно нарушување на човековите права“, заедно со други водечки луѓе од севернокорејскиот режим.

Присуството на Јонг-јо на меѓународната сцена беше видливо за време на дипломатските преговори со Вашингтон и со Сеул. Во домашни рамки, таа ја извршува функцијата на шефица на службата за пропаганда која се грижи за имиџот на Ким Јонг-ун. Јонг-јо која е четири години помлада од 36-годишниот Ким, беше ретко видена во јавноста се до 2010 година. Се очекува нејзиниот политички подем да продолжи по пандемијата кога ќе продолжат дипломатските разговори околу нуклеарното вооружување.