Мохамед бин Салман е предодреден да стане крал на Саудиска Арабија, првиот монарх од третата генерација што ќе ја предводи државата основана од неговиот дедо Ибн Сауд во 1932 година. На 34-годишна возраст, принцот познат и по неговите иницијали МБС, веќе е фигура за која има длабоко поделени мислења, пишува „Фајненшл тајмс“.

Тој доби пофалби од неговите поддржувачи, вклучувајќи ги младите во Саудиска Арабија, како долгоочекуван носител на промени. Неговите далекусежни планови познати под називот „Визија 2030“ ветуваат иднина што ќе го ослободи кралството од зависноста од нафтата и од ефектите од религискиот ултраконзерватизам. Но критичарите и противниците го гледаат бин Салман како симбол на новиот саудиски национализам, соучесник во убиство и безмилосен диктатор во создавање, чија фанатична омраза кон Иран ги подели државите во Персискиот Залив, бојкотирајќи го Катар и создавајќи хуманитарна катастрофа во Јемен.

Во неговата книга „МБС“ Бен Хабард ги прикажува двете страни на приказната, преку сопствениот наратив исполнет со увидувања, разговори, анегдоти и детали. Дел од мотивацијата на принцот Бин Салман, според Хабард, можеби се должи зависта кон побогатите роднини. Но кога неговиот татко стана крал, Бин Салман ја увиде својата прилика. Тој наводно го убедил татка си да ги соедини кралските судови на кралот и на постоечкиот крунисан принц Мохаменд бин Најеф. На тој начин, поставувајќи ги темелите за промена на стариот систем основан врз консензус во владејачкото семејство, заедно со другите сили вклучувајќи го и религискиот естаблишмент, во она што сега претставува потполна автократија, во која Бин Салман ја контролира моќта.

Ковајќи заговор против неговиот роднина Бин Најеф, кој беше фаворит на Вашингтон, МБС оформи сојузништво со Мохамед бин Зајед, принцот од Абу Даби, кој е движечка сила во Обединетите Арапски Емирати. Познат по непријателството кон Иран и Исламското братство, Бин Зајед го поддржа принцот против неговиот роднина, кој Бин Салман го истисна во пучот во 2017 година.

Иако не е образован во странство како што се повеќемина од неговите роднини, МБС беше опчинет со посетите на Силиконската долина во Калифорнија, САД. Тој затоа ги смета амбициозните планови за градот Неом на брегот на Црвеното Море, како проект за „сонувачи“ вреден 500 милијарди долари, што ќе претставува „цивилизациски исчекор за човештвото“.

Неговата надменост можеби спласна со падот на цените на нафтата и поврзаноста со убиството на Џамал Кашоги. Но, МБС останува смел во одбрана на автократијата.

Како и другите лидери Бин Салман ја искористи пандемијата за да ја зацврсти контролата врз државата, отфрлајќи ги можностите да создаде врски со Иран, кои беа искористени од други заливски држави. Обвинувајќи го Иран за ширење на вирусот, се чини дека тој дополнително ја експлоатира неговата агенда на напреднат саудиски национализам и модернизација, без да го олабавува стисокот на власта.