Пред две години Хајнц-Кристијан Штрахе беше вториот најмоќен политичар во Австрија, извршувајќи ја вицеканцеларската функција во десничарската влада, откако и помогна на неговата Партија на слободата (ФПЕ) да достигне нови височини, пишува „Политико“.

Вчера, долго по скандалот „Ибица“, поради кој ја загуби функцијата, како и улогата на прв човек на ФПЕ, и по неуспешниот обид за политички камбек, тој влезе во судница во Виена каде што го очекува судење за обвиненија за корупција.

Случајот истражува дали Штрахе му помогнал на бизнисменот Волтер Грубмилер преку понудата за измена на закон што би било од корист за приватната клиника на Грубмилер во Виена. Штрахе се соочува со затворска казна до пет години ако биде осуден.

Судењето е последниот чин во политичката кариера на Штрахе, од брзиот подем во партијата ФПЕ до ненадејниот пад поради скандалите и неуспешниот обид за камбек, па се до судницата.

Случајот е и порвото судење поврзано со скандалот „Ибица“ кој изби во 2019 година кога германските медиуми објавија тајна видеоснимка од Штрахе на познатото шпанско летувалиште. Видеото снимено непосредно пред австриските избори во 2017 година, покажува како Штрахе нуди богати владини договори на жена за која тој веруваше дека е внука на руски олигарх, во замена за помош во изборната кампања. Скандалот доведе до падот на тогашната влада која претставуваше коалиција помеѓу Народната партија на Себастијан Курц и на ФПЕ. Штрахе поднесе оставка на вицеканцеларската функција ден по објавувањето на видеоснимката.

Останува да се види дали судењето, како и другите истраги што ќе произлезат од скандалот „Ибица“, ќе стават крај на политичките амбиции на Штрахе, чиј евентуален камбек е тешко да се отфрли.