Со заминувањето на Доналд Трамп од претседателската функција, функционирањето на НАТО се одвива по вообичаениот тек, а новиот американски претседател Џо Бајден ја нагласи „светата обврска“ од членот пет, која налага земјите-членки да одговорат кога сојузник од Алијансата е нападнат. Но, на воената алијанса ѝ е потребна војска. А без јасен пат за повторното вооружување на Европа, НАТО нема да биде во можност да одговори на евентуална криза, пишува „Волстрит џурнал“ во написот насловен „НАТО е поделена Алијанса“.

– Вооружувањето на Алијансата би сигнализирало дека Европа е подготвена да преземе воена акција заедно со САД и би можел да го доведе во ризик европскиот пристап до руските и кинеските пазари. Ако европските сојузници од НАТО почнат да покажуваат реални воени капацитети, тоа ќе биде сигнал за Москва и за Пекинг дека НАТО е подготвен да ја осигури европската одбрана. Но ваквата ситуација нема да се оствари наскоро – се вели во анализата на американскиот весник.

Западна Европа е претпазлива поради загриженоста за загрозување на економскиот развој заради нивните соседи од поранешниот Советски Сојуз. Берлин навидум е решен да ја менаџира ситуацијата преку спој на политички и економски потези, наместо да ѝ се спротивставува на Русија. А Европа ја смета Кина за стратешки предизвик, но и за економска можност.

Претстојната година ќе биде пресудна за НАТО. Тешките одлуки за европското вооружување ќе зависат од повеќе фактори, вклучувајќи го исходот од германските избори во септември и одлуката за договорот за инвестирање помеѓу ЕУ и Кина.

Мала е веројатноста дека европските сојузнички и САД ќе постигнат консензус за сериозноста на заканата која ја претставува Кина во догледна иднина. Ниту пак притисокот на Русија врз источното крило на НАТО ќе ја галванизира Европа да ги обнови вооружените сили.

Доколку членките на НАТО не постигнат согласност за геостратешките цели и за опремувањето на нивните армии, Алијансата ќе остане „шуплива“, заклучува „Волстрит џурнал“.