Поразително е и тоа што од двете страни на Атлантикот воопшто немаше усогласување на политичките ставови и на реакциите од почетокот на турската воена операција. Истовремено, крајно поразително и понижувачки за Европа беше и ладнокрвното одбивање на Ердоган на предлогот од Макрон за решавање на „северносириското прашање“, со констатацијата на турскиот претседател дека неговиот француски колега им е „пријател на терористите“, оценува „Геополитика“

Една од последиците од најновите случувања во и околу Сирија е првата голема криза во НАТО. Никогаш досега во историјата на Алијансата не се случило таа да воведува санкции против министерство за одбрана на една членка – Турција, додека, Европската Унија од своја страна воведе и ембарго на извозот на оружје за Анкара. Покрај тоа што е нелогичен самиот факт дека против свој сојузник воведуваат санкции и ембарго, за НАТО уште понепријатно е тоа што САД и овој пат настапија сами, без никакви консултации или барем предупредување од страна на Вашингтон за „зеленото светло“ на Трамп за турската операција преку повлекувањето на американските војници. Поразително е и тоа што од двете страни на Атлантикот воопшто немаше усогласување на политичките ставови и на реакциите од почетокот на турската воена операција, оценува „Геополитика“.
Истовремено, крајно поразително и понижувачки за Европа беше и ладнокрвното одбивање на Ердоган на предлогот од Макрон за решавање на „северносириското прашање“, со констатацијата на турскиот претседател дека неговиот француски колега им е „пријател на терористите“. Ништо помалку болно не беше и одбивањето на Путин на предлогот од германската министерка за одбрана и лидерка на владејачката партија ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер, за распоредување меѓународни воени сили во безбедносната зона на сириско-турската граница, под капата на ОН, а поддржани од НАТО. Интересно е и тоа што шефот на германската дипломатија Хеико Мас го критикуваше таквиот предлог, предупредувајќи дека е недозволиво неговата колешка од Владата да поведува такви иницијативи без договор со надворешнополитичкиот ресор на Германија. Мас ја одби иницијативата како погрешна, оценувајќи дека таа би можела да ја втурне германската војска во непредвидлив блискоисточен конфликт.

Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин истовремено со почетокот на турската операција повторно пристигна со голема делегација бизнисмени во Саудиска Арабија и ОАЕ, но овој пат во придружба на чеченскиот претседател Кадиров. Во Ријад беше пречекан со највисоки државни почести, а исто така беше и еден ден подоцна, кога допатува во Абу Даби. Со овие две земји Русија во таа пригода постигна голем број договори од сферата на енергетиката, индустријата, земјоделството, туризмот, вселенското истражување, атомската енергија, а беше разговарано и за воена соработка.

Станува збор за двата најголеми арапски сојузници на САД, кои со „царскиот“ прием на „омразениот“ Путин сосема излегоа од рамките на агресивната противруска политика на Вашингтон и неговите обиди за исфрлување на Русија од богатите пазари на Европа и на Блискиот Исток. Постигнувањето повеќе бизнис-зделки, но и самиот прием и атмосферата што владееше во разговорите на тамошните монарси со Путин, јасно укажуваат на тоа како двете клучни арапски земји целосно ги разбираат последиците од новата насока на американската блискоисточна политика, поради што тежнеат кон надворешнополитичка диверзификација и зајакнување на односите со другите клучни глобални играчи – Русија и Кина.

Од сево ова може да се заклучи следното: прво, Русија по царските времиња и периодот на Советскиот Сојуз повторно ја активираше својата стратегиска и геополитичка насока на дејствување – јужната. Оваа насока го вклучува Блискиот Исток како примарна цел, и Африка, која со него е неделива геополитичка целина. Второ, американското настојување за политичка и економска изолација на Русија дефинитивно не успеа кон Југот, но ниту кон Истокот, и тоа не само во однос на Кина. Трето, Европа конечно ја загуби контролата над ситуацијата во регионот и ѝ се заканува целосно „исфрлање од играта“. Допрва останува да се види што ќе се случи на крајот со западната насока на руското дејствување – кон Европа. И тука не станува збор за некакво поголемо политичко или воено-безбедносно влијание на Москва, кое нема да го има бидејќи станува збор за „ексклузивна“ зона на НАТО, туку пред сѐ се однесува на заемниот економски интерес. А ЕУ и тука почнува сериозно да заостанува, бидејќи додека таа од 2014 година слепо и послушно ја спроведува политиката на антируски санкции и ограничување на работењето на руски компании на европска почва и обратно, некој друг активно ја зајакнува својата бизнис-соработка со Русија. Се разбира, станува збор за американските компании, кои минатата година со 51отсто од вкупните странски вложувања во Русија, беа на првото место, во однос на ЕУ, чиј удел изнесуваше само 26 проценти и покрај тоа што е нејзин сосед.

Процените говорат дека вкупните односи на ЕУ и на Русија сепак постепено ќе се сведат во рамките на „политичката подносливост“, при што ќе се задржи одреден степен на студена реторика, пред сѐ од страна на Брисел. Потоа, ќе продолжи покажувањето на воените мускули низ различни движења на војската од едната или од другата страна на границата, ќе се спроведуваат најразлични воени вежби, додека за „обичниот“ бизнис сѐ повеќе ќе се отвораат вратите за интензивирање на соработката.