Дваесет и петмина Палестинци, меѓу кои и новинар на Асошиетед прес, се повредени при демонстрации во северниот дел на Појасот Газа, соопшти Министерството за здравство на Газа.

Новинарот Рашед Рашид известувал од протестот на стотици Палестинци во близина на границата помеѓу Газа и Израел.

Демонстрациите се организираа, како и секој понеделник од крајот на март, во реонот на Бејт Лахија.

Учесниците бараат укинување на израелската блокада на Појасот Газа воведена пред повеќе од 10 години.

Според портпарол на израелската армија, 750 Палестинци учествувале во немирите во близина на границата и фрлале камења кон војската, која одговорила со „расположивите капацитети кои се користат при демонстрации, како и пукање во согласност со вообичаените оперативни процедури“.