Дирекцијата за цивилна заштита и управување со кризи на Нова Каледонија го повлече предупредувањето за опасност од цунами, што беше издадено утрово по трите силни земјотреси во водите на Тихиот Океан источно од островот.

Во соопштението се наведува дека брановите кои доаѓаат до бреговите на Нова Каледонија се намалени и не претставуваат опасност за населението.

Дирекцијата сепак ги предупреди жителите на оваа француска прекуморска територија да бидат внимателни и подготвени на итна евакуација во случај на нова закана.

Утрово во 5.18 часот по средноевропско време близу Нова Каледонија беше регистриран земјотрес со интензитет од 7,5 степени според Рихтеровата скала. Земјотресот бил на длабочина од 10 километри, со епицентар на 160 километри источно од градот Тадин.

Четири минути пред овој, во истиот регион беше регистриран потрес со јачина од 6 степени, а по него и серија од неколку афтершокови, од кои најсилниот беше во 7.43 минути по средноевропско време со интензитет од 6,7 степени според Рихтер.

По најсилниот земјотрес, Пацифичкиот центар за предупредување за цунами соопшти дека е можна појава на големи бранови, кои во реоните на Нова Каледонија и Вануату би можеле да бидат високи од еден до три метра, а во областа на Фиџи до еден метар.

По ваквото предупредување, властите на Нова Каледонија, но и на Вануату, повикаа на евакуација на жителите на крајбрежните региони. Во апелот им се препорачуваше на жителите да се оддалечат од брегот, да се засолнат на повисоки места или да заминат во засолништа.

По земјотресите претставник на Дирекцијата за цивилна заштита и управување со кризи на Нова Каледонија изјави дека „добра вест“ во целиов случај е што нема жртви и не се предизвикани материјални штети.