Евентуалните предвремени избори може да ја остават Германија, главниот политички и економски актер во ЕУ, без цврсто лидерство. Тоа, пак, сигурно ќе ѝ отежне на Унијата ефикасно да реагира на политичките и економските предизвици, како оние што доаѓаат од Италија и од Полска, оценува американски „Стратфор“

Одлуката на Ангела Меркел да се повлече од лидерската позиција во ЦДУ, како и најавата дека нема повторно да се кандидира за германска канцеларка, ќе има последици на европско ниво. Евентуалните предвремени избори може да ја остават Германија, главниот политички и економски актер во ЕУ, без цврсто лидерство. Тоа, пак, сигурно ќе ѝ отежне на Унијата ефикасно да реагира на политичките и економските предизвици, како оние што доаѓаат од Италија и од Полска, оценува американски „Стратфор“.
Германската канцеларка ја соопшти одлуката само неколку часа откако беа објавени резултатите од регионалните избори во Хесен, на кој нејзините демохристијани остварија најлош резултат по 1960-тите. Тоа е втор пораз за ЦДУ на регионалните избори за само две недели. Некои од критичарите ја обвинуваат конзервативната бегалска политика на Меркел за падот на рејтингот на ЦДУ и прелевањето на гласовите кон екстремната десница.

Сепак, одлуката за повлекување на Меркел не е без преседан. Во 2004 година, тогашниот канцелар Герхард Шредер поднесе оставка од лидерската позиција во СПД, а истовремено остана на канцеларската функција. Но неговата партиска оставка го означи и почетокот на крајот на канцеларскиот мандат на Шредер, бидејќи наредната година тој загуби токму од Меркел на предвремените сојузни избори.

– Без разлика на личната иднина на Меркел, јасно е дека германската влада сега влегува во период на фрагилност. Ако СДП ја напушти владејачката коалиција, ЦДУ и ЦСУ ќе мора да одлучат дали да продолжат на власт како малцинска влада, да побараат други сојузници во парламентот или да распишат предвремени избори. Предвремени избори најверојатно ќе резултираат со расцепкан парламент, по што ќе следуваат комплицирани коалициски преговори. Тоа ќе ја остави Германија со месеци без цврсто лидерство. Истовремено, политичкиот процес на европско ниво исто така најверојатно ќе замрзне, или, пак, значително ќе забави, додека ЕУ го чека именувањето нова германска влада. Сето тоа може значително да ѝ отежне на ЕУ ефикасно да се справи со политичките и економските предизвици што доаѓаат од земји како Италија и Полска – заклучува „Стратфор“.

Исто така интересен е и фактот дека Меркел, како што наведува Ал џезеира, неодамна попушти под притисоците на американскиот претседател Доналд Трамп за купување течен гас од САД. Тоа не значи дека официјален Берлин се откажа од проектот за изградба на гасоводот Северен тек 2, на кој му забележуваат дека двојно ќе го зголеми германскиот увоз на руски гас и оти токму од Германија ќе направи главен јазол за дистрибуција на рускиот гас до другите европски земји. Истовремено, германската канцеларка попушти и Владата во Берлин одлучи да го изгради првиот терминал за прием на танкери што доставуваат течен природен гас (ТПГ). Станува збор за проект вреден околу половина милијарда евра.

Правдајќи ја својата одлука, Меркел ваквиот чекор не го прикажа како своевиден пораз или попуштање пред притисоците од Трамп, туку како стратегиска одлука што ќе се исплати на долг рок. На краток рок сигурно нема да се исплати, бидејќи американскиот ТПГ е за 20 отсто поскап од рускиот гас, а исто така и самата изградба и функционирањето на терминалот во првите години се економски неисплатливи доколку се без државна финансиска поддршка.

Се проценува дека преку терминалот за ТПГ, Германија би можела да задоволи и до 15 отсто од своите потреби за гас. Иако тоа би можело да го намали руското влијание, големо прашање е исплатливоста, ако се земе предвид високата цена на ТПГ, гас што со специјални техники се претвора во течност и со посебни танкери, долги и до 300 метри, се транспортира до терминалот за ТПГ.

– Во очигледните пресметки што ќе нанесе помалку штета на германската економија и буџетот, Меркел процени дека отворањето на германските врати за американски ТПГ ќе го намали притисокот на проектот Северен тек 2, но и американските критики за нефер трговија со ЕУ. Берлин очигледно смета дека цената на кофинансирање на терминалот за ТПГ ќе биде помала од штетата, која би можеле да ја направат нови американските царини за германските производи, а пред сѐ за автомобилите. Ваквиот маневар Меркел го презеде и поради партнерите внатре во ЕУ, кои го обвинуваат Берлин за недоволна европска солидарност. Полска неодамна отворено порача дека Северен тек 2 не би требало да биде реализиран и дека тој ја поткопува енергетската безбедност на земјите од Централна и Источна Европа – оценува Ал џезеира.