Најпогоден е градот Палу, каде што многу лица се заглавени под разурнатите објекти

КАТАСТРОФАЛЕН ЗЕМЈОТРЕС И ЦУНАМИ ВО ИНДОНЕЗИЈА

Спасувачките екипи се тркаат со времето за да извлечат преживеани од под урнатините. Бројот на жртви надмина 830, но властите предупредуваат дека конечниот црн биланс може да достигне илјадници

Најмалку 832 лица загинаа во катастрофалниот земјотрес и цунами што во петокот го погодија индонезискиот остров Сулавеси, објави националната агенција за справување со катастрофи, посочувајќи дека штетите се многу поголеми отколку што првично се претпоставувало. Островот викендов го тресеа над 150 вторични потреси, а потпретседателот Јусуф Кала предупреди дека конечниот црн биланс може да достигне илјадници жртви.
Многу лица се водат како исчезнати или заробени под урнатините од зградите што земјотресот со јачина од 7,5 степени во петокот ги срамни со земја. Силниот земјотрес исто така предизвика и цунами, високо и до шест метри.
Спасувачите со раце копаа во очајничките обиди да стигнат до преживеани во погодениот град Палу, јави Би-би-си.

– Сега очајно ни е потребна тешка машинерија за расчистување на урнатините. Имаме лица на терен, но не можеме да се потпреме само на својата сила за да ги исчистиме урнатините – изјави за новинската агенција АФП Мухамад Сјауги, шеф на индонезиските спасувачки служби.

Загриженоста расте и за градот Донгала, каде што сѐ уште е нејасно колкави се штетите. Црвениот крст процени дека над 1,6 милион луѓе биле погодени од земјотресот и цунамито. Оттаму предупредуваат дека трагедијата може да се влоши уште повеќе.
Претседателот Џоко Видодо допатува во Палу и ги обиколи најпогодените области од катастрофата, како плажата Тализа, главната туристичка атракција што беше потопена од високите смртоносни бранови.

Последици од цунамито

Каква е ситуацијата во Палу?
Во Палу, градот со 335.000 жители, многумина се водат како исчезнати и заглавени под разурнатите згради. Спасувачките екипи успеаја со раце да ослободат 24 лица заробени под урнатините на хотелот „Роа-Роа“ во Палу, но се стравува дека уште многумина се заглавени. Тела на жртвите може да се видат како лежат низ улиците на градот, а повредените се лекуваат во шатори, бидејќи болниците се оштетени. Многу од преживеаните ноќите ги поминаа под отворено небо, по предупредувањата да не се враќаат во оштетените домови.

Ситуацијата е многу напната. Амбулантните возила секоја минута носат тела. Чиста вода ретко може да се најде. Ги ограбуваат сите супермаркети – вели Риса Кусума, која со своето бебе е во еден од центрите за евакуација.
Во Посо, во близината на градот Палу, резервите брзо се трошат. Бензинските пумпи во државна сосопственост се веќе празни и затворени. Луѓето се редат на тезги крај патиштата и купуваат бензин во шишиња за да можат што побрзо да заминат до погодените области и да ги најдат своите најблиски. Во маркетите има малку храна и тешко може да се најде вода во шишиња.
Ерми Лиана, која патува со новинарите на Би-би-си, вели дека не знае дали нејзините родители се живи.

– Тие живеат во близината на мостот што се урна. Не можам да ги добијам на телефон. Можам само да се молам дека се живи – вели таа.
Земјотресот со јачина од 7,5 степени во петокот бил регистриран на длабочина од 10 километри близу островот Сулавеси, во 18 часот по локално време. Силниот земјотрес предизвикал цунами. Многу луѓе во тој момент биле на плажа во Палу и се подготвувале за фестивал, па биле изненадени од високите бранови. Од снимки објавени на Интернет може да се види како луѓето бегаат во паника. Освен што уништи многу домови, земјотресот разурна и трговски центар, џамија, хотел и еден мост. Еден контролор на летање на аеродромот во Палу починал во намерата да се осигури дека авионот безбедно полетал по земјотресот.
Преживеаните раскажуваат дека панично трчале надвор од своите домови во моментот кога удрил земјотресот.

– Сите панично истрчавме надвор. На луѓето им се потребни помош, храна и чиста вода. Не знаеме што да јадеме вечерва – вели Анчер Бахми.
Дви Харис бил во градот на свадба и престојувал во хотел со сопругата и со ќерката во моментот кога земјотресот го погодил Палу.
– Немаше време да се спасиме. Бев приклештен под урнатините од ѕидот. Слушнав како сопругата плаче за помош, а потоа замолчи. Не знам што се случи со неа и со детето. Се надевам дека се безбедни – изјави Харис, кој има повреди на грбот и рамото и се лекува на отворено пред болницата во Палу.

Властите се обидуваат да испратат помош од главниот град Џакарта до аеродромот Палу, користејќи го делот од пистата што е неоштетен. Пациентите се лекуваат на отворено, а лекарите бараат итна помош од државата.
– Потребни ни се шатори, лекови, персонал, церади, ќебиња и многу други работи – изјави Команг, регионален шеф на Индонезиската лекарска асоцијација.
Британската хуманитарна организација „Спасете ги децата“ испрати тим за да ги оцени штетите во најпогодените области и да даде соодветна помош.
– Колку повеќе информации добиваме, толку ситуацијата изгледа полошо – вели портпаролот на организацијата.