Канаѓани тагуваат по жртвите од урнатиот авион

Ирански демонстранти побараа одговорност од властите за соборениот авион, а американски конгресмени побараа објаснување од администрацијата за убиството на иранскиот генерал, што доведе до јакнење на судирот меѓу двете страни

­Демонстранти во Иран повикаа на одговорност откако иранските власти признаа оти по грешка бил соборен украинскиот патнички авион во Техеран, при што загинаа 176 лица. Во САД, пак, конгресмени побараа да се утврди дали навистина имало непосредна закана по американските амбасади, бидејќи администрацијата на Доналд Трамп тврдеше оти тоа е главната причина за убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани, што доведе до заострување на тензиите меѓу двете страни и до повеќе жртви.

Како што пренесува Би-би-си, протести избиле најмалку пред два универзитети во Иран откако властите признаа оти „ненамерно“ го собориле авионот, три дена по неговото уривање. Иранската агенција Фарс објави дека околу 1.000 студенти се собрале пред универзитетите, извикувале пароли против властите и кинеле фотографии од убиениот ирански генерал. Би-би-си посочува дека овие протести биле многу помали од масовните демонстрации за поддршка на Сулејмани по неговото убиството од страна на САД.
Протестите во Иран веднаш ги поддржа американскиот претседател, додека Британија гневно реагираше на веста дека на еден од протестите бил уапсен, па ослободен, британскиот амбасадор во Иран.
Украинскиот авион, кој летал кон Киев, беше соборен минатата среда близу меѓународниот аеродром во Техеран, набргу по полетувањето и само неколку часа откако Иран истрела ракети кон две американски бази во Ирак, како одговор на убиството на иранскиот генерал на 3 јануари. При соборувањето на авионот настрадаа десетици Иранци и Канаѓани, како и државјани на Украина, Британија, Авганистан и на Шведска. Иран првично ги негираше западните тврдења дека можеби по грешка го соборил авионот, обвинувајќи го Западот за „психолошка војна и пропаганда“, но во саботата призна дека ненамерно го соборил леталото.

Иранските власти објавија дека оператор на ракетниот систем дејствувал самостојно и дека погрешно оценил оти авионот е крстосувачка ракета, бидејќи имало извештаи дека такви ракети биле истрелани кон Иран. Иранскиот ајатолах Хаменеи изјави дека има „докази за човечка грешка“, претседателот Хасан Рохани изјави дека „Иран длабоко жали за катастрофалната грешка“, додека министерот Џавад Зарив порача оти се виновни САД зашто е „направена човечка грешка во време на криза предизвикана од американскиот авантуризам што доведе до катастрофата“.
Во меѓувреме, во САД, претседателот Трамп се соочи со критики од конгресмени по изјавите за Фокс њуз оти Иран „веројатно“ планирал да нападне четири американски амбасади и дека затоа го одобрил убиството на иранскиот генерал Сулејмани, што ги предизвика најновите судири меѓу САД и Иран.

– Да бидеме јасни, ако имало докази за непосредни напади на четири амбасади, тогаш администрацијата ќе ни го кажеше тоа на брифинг. Таа не го стори тоа. Затоа или Фокс њуз добива подобар брифинг од Конгресот или немало таква непосредна закана – нагласи Крис Марфи, демократски член на Комисијата за надворешни односи на Сенатот на САД.
По убиството на Сулејмани, Иран изврши ракетни напади врз американски бази во Ирак, а потоа следуваше и катастрофата со патничкиот авион. Вашингтон ја оправда ликвидацијата на Сулејмани со тврдењата оти генералот планирал напади врз американски интереси.

Во Конгресот, републикански и демократски законодавци, во редок случај, застанаа на иста страна за да го ограничат Трамп да почне војна против Иран. Мајк Ли, републиканец од Јута, рече дека е „неприфатливо“ извршната власт да му кажува на Конгресот дали може да дебатира за евентуална воена интервенција против Иран.
– Тоа е неамерикански, неуставно и погрешно – нагласи тој.
Ли објави дека заедно со демократскиот кандидат за претседател Берни Сандерс ќе коспонзорира легислатива што ќе го замрзне финансирањето евентуална воена операција против Иран без одобрување од Конгресот.