Околу 2,4 милиони аџии во Мека денеска го почнаа ритуалот со фрлање камења кон Сатаната, на првиот ден на Курбан бајрам, празникот на принесување жртва, кој го одбележуваат муслиманите во целиот свет.

Извикувајќи „Алах акбар” (Бог е најголем) верниците се придвижуваат во групи под силно полициско обезбедување, и фрлаат камења кон голема плоча, која го симболизира Сатаната, во долината Мина, блиску до Мека (Западна Саудиска Арабија).

Движењето на верниците го следат илјадници полицајци и припадници на цивилната заштита, како и надзорни камери поставени од саудиските власти заради избегнување инциденти, пренесува БТА.

Поучени од настаните во 2015 година, кога во турканици и стампедо загинаа околу 2.300 лица, властите поставија бетонски коридори и мостови за подобра контрола на движењето на верниците.

Според податоците на властите, оваа година на аџилакот учествуваат над 2,37 милиони верници. Досега немаше сериозни инциденти.

Кралот Салман, кого државната телевизија го прикажа на прозорецот над протокот верници, им се обрати на муслиманите.

„Најголемата чест што Творецот ја направил на нашата земја, е да служиме на Божјите гости (верниците)”, напиша саудискиот крал на Твитер.

„Се молам на Бога верниците да го исполнат аџилакот и навек да останат доброто и мирот во нашата земја и сите земји во светот“, напиша тој во еден од своите ретки твитови.

Според традицијата, во долината Мина на првиот ден на Ајд ал-Адха (Курбан бајрам) се фрлаат, еден по еден, седум камења по 30-метарската плоча која го симболизира Сатаната, а во следните два дена, 21 камен по три плочи – голема, средна и мала, по седум на секоја.

По каменувањето, треба да се жртвува животно во спомен на жртвата на Авраам, кој според муслиманската традиција бил подготвен да го убие својот син Исмаил, по барање на Бога, но на крајот жртвувал овен по интервенција на архангел Гаврил.

Всушност аџиите купуваат купони од саудиските власти, кои ги колат и замрзнуваат животните, а потоа ги испраќаат како помош за сиромашните во муслиманските земји.

Потоа верниците одат во Мека и кружат околу Црниот камен Каба, кубична структура во центарот на Големата џамија.

Аџилакот е еден од петте столбови на исламот и се очекува од секој муслиман да го изврши барем еднаш во животот, доколку има можност.