Руските власти соопштија дека е завршен Договорот за ограничување на нуклеарното оружје со среден домет, обвинувајќи ги САД дека се одговорни за тоа, но предложија и понатаму да не се користат ракетите со забранетиот дострел.

– На 2 август 2019 година по американска иницијатива истекува валидноста на Договорот за уништување ракети од мал и среден дострел потпишан на 8 септември 1987 година во Вашингтон – се вели во соопштение од руското МНР.

Американските власти од своја страна потврдија дека официјално истапуваат од договорот, повторно обвинувајќи ја Русија дека ги прекршила одредбите и дека е одговорна за тој неуспех.

– Американското повлекување од Договорот стапува на сила од денеска – изјави Помпео за време на посета на Бангкок.

Договорот за ограничување на нуклеарното оружје со среден домет го потпишаа поранешните претседатели на САД и Русија, Роналд Реган и Михаил Горбачов, а со него се забранува лансирањето на ракети со домет од 500 до 5.500 километри.

Вашингтон на 1 февруари објави дека планира да се повлече од договорот и да го напушти за шест месеци, ако Русија во меѓувреме не почне да ги почитува своите обврски.

Русија негира вина и ги обвинува САД за кршење на договорот.