Претставниците на ЕУ се борат да ја спасат сезоната на летни одмори и да се обидат да го рестартираат туризмот, кој во меѓувреме е парализиран од тековната пандемија. Туризмот претставува приближно 10 проценти од економската придобивка во Европа, a оваа гранка во исто време поддржува милиони работни места низ Стариот Континент. Земјите-членки на ЕУ засега се придвижуваат кон постепеното отворање на границите (каде што има услови за тоа), со тоа што Германија и Австрија се согласија да ги отворат своите граници со минимални случајни проверки, а веќе од средината на јуни се очекува да продолжат со слободно движење на граѓаните.

Ситуацијата предизвикува главоболка единствено кај луѓето што се надеваат дека ќе патуваат во странство оваа година, но во некои земји тоа, всушност, и не претставува голем проблем. Според Евростат, многу туристи за одмор низ Европа ретко ги напуштаат своите држави. Во 2017 година, нешто повеќе од 90 проценти од сите патувања во Шпанија и 87 отсто во Франција биле направени од домашни туристи. Сепак, има и луѓе што мора да излезат од границите на своите држави.

Во Белгија, приказната е сосема поинаква, каде што 80 проценти од патувањата се надвор од границите на земјата. Поради својата географска положба, бидејќи граничи со Франција, Луксембург, Германија и Холандија, Белгијците лесно може да отпатуваат во странство за одмор или бизнис-обврски речиси со многу малку напор. Сепак, со оглед на ситуацијата, останува да се види дали белгиските патници ќе бидат ограничени на Остенд, Бриж и Гент ова лето. Според најновите податоци од универзитетот „Џонс Хопкинс“, Белгија има најмногу смртни случаи од ковид-19 на 100.000 жители од која било земја.