Повеќето Европејци веруваат дека ЕУ може да се распадне во наредните две децении, покажува студијата на Европскиот совет за надворешни односи (ECFR) и меѓународната фирмa за истражување на пазарот и анализа на податоци „JuGov“.

Студијата, во која биле вклучени повеќе од 60.000 луѓе од 14 земји-членки на ЕУ, покажа дека значителен број испитаници сметаат оти реална е можноста во наредната деценија да избие војна меѓу две земји од ЕУ.

Истражувањето покажа дека нивото на поддршка за членство во ЕУ е високо, но дека песимизам преовладува кога станува збор за иднината на блокот.

Во секоја земја-членка, освен во Шпанија, мнозинството гласачи веруваат дека ЕУ ќе пропадне во следните 10 до 20 години, тврди студијата.

Како што е наведено, во Франција, 58 отсто од испитаниците сметаат дека е реално оти блокот ќе пропадне за две децении, со што исто така се согласуваат и 57 отсто од Италијанците и Полјаците.

Дури и во Шпанија, 40 отсто од испитаниците изјавиле дека е реална можноста ЕУ да се распадне.

Истражувањето покажува дека повеќето Европејци, доколку ЕУ се распадне, како на најголема загуба гледаат на колапсот на единствениот пазар, а потоа и на прашањето за слободно патување преку границите и слободите за живот и работа во други земји.

Значителен број испитаници исто така рекле дека војна меѓу земји членки на ЕУ е реална можност во следната деценија.

Повеќето од нив се во Австрија, каде што 38 отсто сметаат дека би можело да избие војна во следните 10 години, додека во Франција ваквиот процент изнесува 35 отсто.

Уверувањето дека е можно да избие војна меѓу земји членки во ЕУ е особено силно кај помладата попуација, пренесува Си-ен-би-си.