Мнозинството Американци веруваат дека двопартискиот систем е полн со недостатоци и оти е потребна трета партија да ја рефлектира волјата на народот. Резултатите од најновата анкета на Галуп покажуваат дека 57 отсто од испитаниците сметаат дека две партии не се доволни.

Истовремено, повеќе од една третина од Американците се незадоволни од наизменичното владеење на Републиканската и Демократската партија во американската политика. И додека мнозинството демократи (54 отсто) сметаат дека појавувањето на трета партија ќе биде добро за политиката во САД, само 38 проценти од републиканците се согласуваат со таквата идеја. Најголема поддршка за третата опција има кај независните гласачи, при што дури 72 отсто се залагаат за таква промена.

На власт во Конгресот и во Белата куќа во изминатите 150 години се менуваат републикански и демократски претставници. Па, така, секој американски претседател од 1852 година потекнувал или од Демократската или од Републиканската партија. Двопартискиот систем често е критикуван дека е застарен и дека ги игнорира алтернативните опции, поради што големи делови од американското население не се претставени. Дебатите помеѓу кандидатите од другите партии, како што се Зелената партија и Либертаријанската партија, не се пренесуваат на големите телевизии, со што гласачите имаат мала шанса да се запознаат со нивната програма во пресрет на изборите.