Во налет на две торнада во централниот кинески град Вухан и град во источната провинција Џјангсу загинаа 12 лица, повредени се стотици, а уништени се и домови и имот, објави денеска официјалната новинска агенција „Синхуа“.

Осум лица загинале во Вухан, во провинцијата Хубеј, а 280 се повредени откако торнадо го опустошило округот Кајдјан во петокот вечерта, соопшти агенцијата.

Торнадото срушило 27 куќи и оштетило уште 130, како и објекти во изградба, се додава во извештајот.

„Пораснав во Вухан и никогаш не сум видел вакво нешто“, објавил жител на градот преку кинеската апликација „Веибо“.

„Временските услови се екстремни во последно време“, додава тој.

Уште едно торнадо го погоди градот Шенгзе, во областа Сужоу во провинцијата Џјангсу, каде торнадата се чести, при што загинаа четири лица, а 149 се повредени, пренесе „Синхуа“.

Пожарникарите соопштија дека бурата оштетила централи и срушила неколку фабрички згради, додава агенцијата.

Кина се соочува со екстремни временски услови како резултат на климатските промени, изјави во април метеорологот Џија Ксиалонг, додавајќи дека ризикот од катастрофални горештини и поплави се очекува да се зголеми во наредните години.