Лидерката на Хонгконг, Кери Лам, за попладне свика состанок со прокинеските политичари во оваа посебна кинеска административна област, на кој официјално ќе најави повлекување на контроверзниот нацрт-закон за екстрадиција поради кој дојде до повеќемесечни протести, објави британски „Индепендент“.

На попладневната средба, според весникот, таа ќе ги опише деталите за повлекување на нацрт-законот како гест со цел смирување на тензиите.

Локалните медиуми исто така известуваат дека ќе дојде до повлекување на нацрт-законот, информација по која дојде до скок на акциите на берзата во Хонгконг.

Канцеларијата на Лам засега не ги коментира медиумските написи.

Контроверзниот нацрт-закон предвидуваше можност осомничени од Хонгконг за судење да бидат екстрадирани во Кина.

Законот за екстрадиција, со кој ќе се опфатеа седум милиони жители на поранешната британска колонија, како и странски и кинески државјани во градот, многумина го сметаа за закана за владеењето на правото.