Виктор Орбан (лево) и Јарослав Качински

Победата на Џо Бајден на американските претседателски избори ќе има влијание не само на трансатлантските односи, туку и на домашната политика во Европа. За разлика од Доналд Трамп кој ги помина изминатите четири години во користење на идеолошките сојузници како средство за слабеење и за предизвикување поделби во Европската Унија (ЕУ), следниот американски претседател нема да распостели црвен тепих за националистичките полулисти од Европа, пишува „Политико“. Тој нема да ги награди оние што му се спротивставуваат на Брисел, на владеењето на правото и на слободата на говор или пак кои активно го поттикнуваат распадот на ЕУ.

Поразот на Трамп ги ускрати европските нелиберални демагози за поддржувач и сојузник во Вашингтон. Ова се особено лоши вести за унгарскиот премиер Виктор Орбан и за најмоќниот полски политичар Јарослав Качински кои веќе нема да можат „да играат на картата на Трамп“ за да ја засилат домашната политичка позиција, како и за да го издржат притисокот од европските институции поради нивниот напад врз судската независност, медиумскиот плурализам и човековите права.

Наместо тоа, администрацијата на Демократската партија веројатно ќе ги отфрли како политички отпадници, дури и додека се обидува да изгради блиски односи со Централна Европа.

Ако не го сменат начинот на размислување, европските популистички лидери веројатно ќе увидат дека без моралната поддршка на Трамп, ќе треба да се однесуваат попрагматично и со помала конфронтација кон Брисел и кон Берлин. Политичарите од Западна Европа кои беа блиски до Трамп исто така загубија сојузник.

Се предвидува дека американските амбасадори веќе нема да им се закануваат на недипломатски начин на европските компании кои соработуваат со Иран, или пак дека нема да одржуваат приватни настани со екстремната десница, туку дека следните дипломати ќе пристигнат со инструкции за промоција на демократијата, плурализмот и човековите права. Ваквата ситуација, сепак, нема да го искорени популизмот од европската политика, заклучува „Политико“.