Доверливиот документ што на некаков начин протече во јавноста, а кој беше во строго востановена процедура испратен до кинеската армија од страна на Централната воена комисија, имаше цел да ја испорача намерата на претседателот Кси Џинпинг за зајакнување на вооружените сили. Токму во тој документ пластично се илустрираат и причините што ја спречуваат Кина да ја надмине светската доминација на САД. Тој факт предизвика реакции кај светските аналитичари дека Кина одамна не само што има амбиции да ги надмине САД туку има и конкретен план и анализа како да го направи тоа

Кина има план: проширување на кинеската моќ на глобално ниво и преземање на приматот што го имаат САД. Ова се начелата на откриениот документ на кинеската војска до кој дојде јапонската новинска агенција Кјодо њуз. Доверливиот документ, кој беше испратен до кинеската армија од страна на Централната воена комисија во февруари, имаше цел да ја испорача намерата на претседателот Кси Џинпинг за зајакнување на вооружените сили.
Во документот се идентификува предизвикот во кој Кина се соочува со „антагонистичките блокови на Западот“ што ги охрабруваат сепаратистите во Тибет, Ксинџијанг и Хонгконг, како и терористите и следбениците на духовното движење Фалун Гонг. Потоа се повикува Народноослободителната војска да го префрли своето тежиште на дејствување од кинеското крајбрежје кон копнени, поморски и воздушни операции надвор од границите на Кина.

– Додека полека се отвораме и ги прошируваме нашите национални интереси надвор од границата, очајно ни е потребна една сеопфатна заштита на нашата сопствена безбедност во светот – се наведува во документот.

Во него исто така се наложува консолидација на воената команда и контролниот систем, кои би требало да бидат организирани во три нивоа наместо во четири. По пат на приспособување на воената стратегија, во документот се истакнува дека „ќе се зајакнат рамнотежата, важноста и проширувањето на нашите стратегиски цели“. Резултатот од таквите промени ќе биде поефикасно креирање позиции, управување со кризи, запирање конфликти, триумфирање во војна, сеопфатна одбрана на експанзијата на кинеските стратегиски интереси и остварување на целите поставени од страна на партијата и водачот Кси. Сепак, најинтересна е причината поради која Кина бара реформи во рамките на сопствената војска.

– Причината лежи во фактот што САД, Русија, Јапонија и другите нации станаа силни, бидејќи поседуваат силна војска. Историјата нѐ учи дека големата воена моќ е многу важна за растежот на една земја – а тоа значи од голема да стане силна. Моќната армија е клучот со кој се избегнува „стапицата на Тукидид“ и се надминува помислата за неизбежноста од војна помеѓу силите во подем и владејачката хегемонија – истакнува во документот Централната воена комисија
Според документот, воените реформи претставуваат значајна пресвртница за секоја напредна земја што сака „на кривината да го престигне побавното возило“, сугерирајќи со тоа дека моќта на САД е во постојано опаѓање.

Многу е интересен моментот што документот на Централната воена комисија ги илустрира и причините што би ја спречиле Кина да ја надмине доминацијата на САД. Во тој контекст се истакнува есенцијалната потреба на војската на Кина, која е тежишна алатка за надминување на доминацијата на САД. Имено, повикувајќи се на распадот на СССР и политичките немири во некои источноевропски земји, во едно од поглавјата се вели дека е „многу важно да се контролира војската, за да ѝ се обезбеди долгорочно владеење на кинеската Комунистичка партија“.

– Историјата докажува дека сѐ додека партијата цврсто владее со војската, таа може да ги издржи ригорозните предизвици на домашен терен и во странство – се нагласува во документот.

Во него исто така се спомнува дека една од главните причини поради кои кинеските власти ја пребродија политичката криза на плоштадот „Тјенанмен“ во 1989-та беше токму апсолутното и безусловно раководство на Комунистичката партија. Со други зборови, кинеската влада експлицитно инсистира на клучната улога на војската за внатрешна, но и за евентуална надворешна употреба и дури пластично да нагласува дека војската е директна алатка на Комунистичката партија.

Според аналитичарите, документот има интересна содржина и ставови. Тоа се легитимни ставови, анализи и заклучоци за една држава и нација. Но бидејќи кинеската е и голема нација и држава и сила, новите ставови изразени во документот имаат големо значење и тежина во глобални рамки. Во тој контекст е ставот на аналитичарите, кои велат дека поверојатно би било предизвикувачот што има силна војска да ја втурне доминантната сила во „превентивна“ војна, пред тој да стане уште посилен – освен ако предизвикувачот е толку многу воено надмоќен, што е способен да менаџира каков било конфликт. Тие велат дека суперсилите продолжуваат со покажување на своите мускули, а битката за светска доминација никогаш не престанала.