Стив Банон и Марин Ле Пен

Поранешниот советник на Доналд Трамп, Стив Банон, требаше да ја „разниша“ европската политика, но неговиот „клуб“ за поддршка на десничарските популистички партии во пресрет на наредните избори за Европскиот парламент (ЕП), уште не го освои Стариот континент, пишува европското издание на магазинот „Политико“.

Соработникот на Банон, белгискиот адвокат Мишел Модрикамен, истакна дека морале да ги намалат очекувањата од првобитниот план за основање на фондацијата наречена „Движењето“, чија цел е да му парира на „Отворено општество“ на мултимилијардерот Џорџ Сорос, односно за покренување „десничарска револуција“ во Европа. Самитот за истомислениците на Банон, планиран за јануари, беше одложен, што поттикна сомнежи за неговиот амбициозен проект.

Претходно, Брисел беше избран за седиште на фондацијата што треба да им помага на десничарските партии, преку изработка на анкети, политички совети, овозможување на пристап до податоци, организирање на кампањи на социјалните мрежи, како и во изборот на кандидати. 

– Банон имаше преголем оптимизам за тоа што можеме да постигнеме. „Движењето“, сепак, не претставува неуспех, туку напротив, голем успех. Единствено, не спроведуваме анкети и состаноци за планирање, бидејќи адвокатите ни кажаа дека тоа би било нелегално во одредени држави, а ние знаеме дека нашите активности се внимателно следени и не сакаме да сториме нешто противзаконско. Но, организираме конференции, работилници и разговараме со нашите истомисленици – објасни Модрикамен.

Банон планира да патува низ Европа во пресрет на изборите за ЕП во мај, како и да организира голема конференција во Брисел.

На претстојните избори за ЕП се очекува успех на десничарските, популистички сили, со што се предвидува дека групата Европа на нациите и слободата (ЕНФ), во која се францускиот Национален фронт на Марин Ле Пен и италијанската Лига на Матео Салвини, ќе освои 60 места. 

Поранешниот директор на екстремно конзервативниот интернет-портал „Бреитбарт“ има амбиција да создаде широка коалиција на популисти во следниот состав на ЕП. Банон е близок со лидерката на француската десница Ле Пен, Британецот Најџел Фараж и со други „алтернативни десничари“ во Европа. М.Ж.