Дванаесетте момчиња и нивниот фудбалски тренер би можеле да бидат спасени набргу, под услов водата од пештерата Там Луанг, во Тајланд, да биде извлечена пред најавените монсунски дождови викендов. Во спротивно, тие би можеле да останат заробени со месеци, според проценките на спасувачките екипи, пренесува британски „Гардијан“. Постојат три плана за спасување, но тие зависат од временските услови.

Во акцијата на војската за спасување, вклучени се стотици индустриски пумпи за извлекување на водата од патеката долга четири километри, која води од влезот на пештерата до местото каде што се момчињата.

Нивото на водата е намалено за 40 отсто во изминатите неколку дена, со што расчистени се 1,5 километри од мрачните и калливи пештерски канали по кои момчињата би требале да поминат за да излезат. Момчињата кои се непливачи, се обучувани да нуркаат со помош на опрема. Но, акцијата за спасување со нуркање е проследена со голем ризик. Службите затоа се обидуваат да го намалат нивото на водата, за децата да можат да излезат чекорејќи, со појаси за спасување. Тие не би излегле одеднаш како група, туку први би тргнале најподготвените од нив, според најавите.

Надлежните власти се во постојана комуникација со метеоролозите, со оглед што ќе треба да донесат одлука уште колку време можат спасувачките екипи да поминат во пештерата, пред да наредат нивна евакуација. Во тој случај, децата би останале отсечени со месеци.

Згора, 20 до 30 тима ја пребаруваат џунглата над пештерскиот комплекс, во обид да најдат отвори преку кои би можеле со дупчење да стигнат до делот од пештерата каде што се децата (групата се наоѓа на растојание помеѓу 800 и илјада метри под земјата). Локалниот гувернер, сепак, го отфрли ваквиот план, бидејќи се претпоставува дека не е безбеден. 

Момчињата на возраст од 11 до 16 години и нивниот 25-годишен тренер беа пронајдени во понеделникот од тим на британски нуркачи, во поплавениот пештерски систем во тајландската провинција Чијанг Раи, по деветдневна потрага. Тие се загубија на 23 јуни, откако пештерата беше поплавена од врнежите.