Белгиските дневни весници, ДХ и ХЛН, со колеги од Шпанија, Германија и Португалија, објавуваат нови сознанија на западни разузнавачки служби за други планирани атентати во Европа.

Од документите до кои дошле новинарите се дознава дека терористите, по атентатите во Париз и Брисел во 2015 и 2016, планирале други напади на европско тло, и дека нивната мрежа се протега од Португалија до Балканот.

Разузнавачките служби успеале да спречат неколку планирани терористички атентати во Франција и Германија.

Истрагата на службите, која е сѐ уште во тек, открива дека Мароканецот Хишам Ел Ханафи, кој живеел како бездомник во Франција, посредувал помеѓу нарачателите терористите и ги регрутирал.

Од разговорите на Ел Ханафи службите дознале дека Бубакер Ел Хаким бил неговиот главен клиент. 35-годишниот Ел Хаким е поранешен џихадистички борец кои стигнал до високи функции во Исламската Држава и се смета за главниот „мозок“ зад атентатите во Брисел и Париз.  Ел Хаким е убиен на 26 ноември 2016 со дрон во Рака, Сирија.

Западните служби сметале дека „итно мора да биде неутрализиран“ бидејќи неговата мрежа во Европа била многу широка и многу опасна, пишуваат медиумите кои ги имале на увид документите на службите.