Студија за климатските промени објавена во британските медиуми покажа дека до 2025 година постојат 40 отсто шанси за секоја измината година, температурата на планетата да се зголемува за 1,5 Целзиусов степен. Поради тоа потребно е брзо да се исполнат обврските за намалување на емисиите на стакленички гасови и да се постигне јаглеродна неутралност

Истражување на Светската метеоролошка организација

Сѐ поизвесно е дека границата на глобалната температура ќе биде достигната во наредните пет години. Ова меѓу другото го посочува истражувањето за климатските промени што го објавија британските медиуми, во кое меѓу другото се наведува дека до 2025 година постои шанса од 40 отсто дека годините ќе бидат потопли за 1,5 степен од прединдустриското време. Тоа практично е еднакво на помалото од двете температурни ограничувања што се пропишани според Парискиот климатски договор за борба со климатските промени. Ваквиот заклучок е објавен во извештај од Светската метеоролошка организација. Извештајот е базиран на истражувачи што работеле во десет различни земји во светот, вклучувајќи ги САД и Кина. Леон Хермансон, еден од научниците што учествуваат во истражувањето, вели дека компаративно анализирани, температурите забележуваат висок раст кога се споредени со температурите од 1850 до 1900 година. Во минатата деценија беше проценето дека шансите која било година да се достигне границата од 1,5 Целзиусов степен беа 20 отсто. Но, според новите прогнози, тој ризик е зголемен на 40 отсто.

Видување на експертите

Леон Хермансон, кој е висок научник во британскиот метеоролошки завод, за „Би-би-си“ порача дека споредбата на температурите во однос на периодот од 1850 до 1900 година покажува јасен пораст. Научникот вели дека „светот постепено наближува до границата од 1,5 Целзиусов степен“ и предупреди дека „истекува времето за силна акција, која сега е многу потребна“. Другите истражувачи истакнуваат дека дури и во една од наредните пет години да бидат забележани температури над дадената граница од прединдустриското ниво, сепак тоа ќе биде привремено. Природната варијабилност ќе значи дека наредните неколку години може да бидат малку поладни и дека ќе биде потребна уште една, две или повеќе декади пред трајно да се надмине границата од 1,5 Целзиусов степен. Парискиот климатски договор ја воведе целта да се стави под контрола зголемувањето на просечните светски температури на не повеќе од два Целзиусови степени и да не се надмине ограничувањето од 1,5 Целзиусов степен, што се подразбира на подолг период наместо на една година. Според д-р Јуриј Рогељ, директорот на институтот „Грантам“ на Кралскиот колеџ во Лондон, „температура од 1,5 Целзиусов степен наведена во извештајот на британскиот метеоролошкиот завод не треба да се идентификува со пропишаните ограничувања од Парискиот климатски договор“.
– Ограничувањата во Парискиот климатски договор се однесуваат на глобалното затоплување, поточно на температурното зголемување на планетата кога ќе ги изедначиме годишните варијации. Ако во една година се достигне тој 1,5 Целзиусов степен, тоа не значи дека се надминати ограничувањата од договорот, туку дека имаме лоши вести. Тоа ни покажува дека досегашната климатска акција е недоволна и итно мора емисиите да се намалат до нула за да се спречи глобалното затоплување – вели д-р Рогељ.

Повеќе од обична статистика

Еден значаен извештај на климатскиот панел на ООН во 2018 година истакна дека влијанијата на климатските промени се многу посериозни кога зголемувањето е поголемо од 1,5 Целзиусов степен. Во моментот, проекциите сугерираат дека дури и со неодамнешните ветувања за намалување на емисиите на стакленички гасови, светските температури може да се зголемат дури до три Целзиусови степени. Генералниот секретар на ВМО, професорот Петери Таалас, порача дека резултатите од новото истражување се „повеќе од обична статистика“.
– Студијата покажува, со високо ниво на научни вештини, дека се приближуваме мерливо и незапирливо до пониската цел од Парискиот климатски договор. Тоа е уште едно предупредување дека светот треба брзо да ги исполни обврските за намалување на емисиите на стакленички гасови и да се постигне јаглеродна неутралност – истакна Таалас.
Професорот Ед Хокинс, кој е климатски научник на Универзитетот во Рединг, порача дека ако се оствари новата прогноза, тоа „нема да значи дека е надмината границата од Парискиот климатски договор“. Хокинс посочува дека во два различни месеци во 2016 година забележал пораст на температурите од 1,5 Целзиусов степен. Професорот нагласи дека 1,5 Целзиусов степен не е „магична бројка што треба да ја избегнуваме, но дека треба да воведеме ограничување за зголемувањето на температурите“. Тој додава дека човештвото треба да сфати дека веќе се гледаат ефектите од климатските промени, како во Велика Британија така и низ целиот свет, кои ќе продолжат да стануваат посериозни. Извештајот се објави во јавноста пред самитот за климатските промени, познат под името КОП26, кој треба да се одржи во Глазгов во ноември. Самитот има цел да ја поттикне амбицијата меѓу светските лидери за справување со климатската криза.