Ким Јонг-ун испратил писмо со благодарност до градежните работници кои се ангажирани на туристичката локација Вонсан-Калма, според севернокорејскиот дневен весник „Рондонг шинмун“.

– Чесниот врховен лидер Ким Јонг-ун им се заблагодари на работниците, кои активно учествуваа во изградбата на туристичката локација Вонсан-Калма – објави весникот.

Ким вчера преку писмо им се заблагодари и на градежните работници ангажирани на модернизацијата на градот Самјијон. А севернокорејскиот лидер минатата недела испрати порака и до сирискиот претседател Башар ал Асад.

Севернокорејските власти уште не дадоа официјален коментар за шпекулациите за влошената здравствена состојба на Ким, кои се појавија минатата недела. Севернокорејскиот лидер не се појавил во јавноста од 11 април.