На повидок француско-британски безбедносен конфликт

Додека очите на светската јавност се вперени кон случувањата со мигрантскиот бран на источните граници на Европа, на повидок е нов засега „прикриен конфликт“ на истата тема, но овој пат на друга локација, поточно на двете страни од Ла Манш. Имено, медиумите известуваат дека Франција и Британија во моментов се на работ на дипломатско-политички конфликт, откако двете земји периодов војуваат со „оружја на одмазда“, односно си праќаат една кон друга големи групи мигранти во бродови преку каналот.
Според медиумите, проблемот на Британците со мигрантите што доаѓаат од Франција е сериозен и трае со години, подалеку од светската јавност, но тој бил на сосема друго ниво додека земјата беше членка на ЕУ. Меѓутоа, откако Велика Британија ја напушти Унијата, дојдоа нови правила, од кои официјален Париз во насока на нивно применување сериозно притисна и ги разниша француско-британските односи во делот на трговија, безбедност и контрола на меѓународните води. Медиумите потсетуваат дека една од причините поради кои Британците гласаа за напуштање на ЕУ беа мигрантите и дека британската влада вети дека многу построго ќе го контролира приливот на илегални мигранти. Едно време тоа навистина функционираше, но одеднаш сега се случи да се зголеми приливот на мигранти. За ова Лондон директно го обвинува Париз, додека, пак, француските власти одречно ги отфрлуваат обвинувањата, велејќи дека Британија не може да им држи лекции.

Во меѓувреме состојбата е сериозна, а хаосот со мигрантите и проблемите на рибарските бродови меѓу двете земји во меѓународните води околу Ла Манш се потенцира секој ден во медиумите. Понатаму, тие наведуваат дека Лондон оди дотаму што во соопштенијата на властите од земјата се посочува дека Франција дури изградила мигрантски кампови на границата со Белгија, од кои понатаму контролирано и системски испраќа илегалци на брегот на Британија.
Од друга страна, пак, францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманин, наведувајќи дека неговата земја е изложена на последиците од политиката на Велика Британија за нерегуларните мигранти и неделава, изјави дека „Британците не можат да им држат лекции“, пренесува агенција Анадолија.
Интересно е што во исто време европските медиуми забележуваат дека ЕУ во моментов води двојна и превртлива политика во однос на мигрантската криза во Полска. Според нив, Брисел во периодов ја обвинува Белорусија за „хибридна војна“ кон ЕУ, а во исто време не ги регистрира или санкционира сличните случувања меѓу Лондон и Париз, кои во моментов се на раб од сериозен дипломатско-политички конфликт.