Казуо Одачи е еден од последните живи членови на групата јапонски пилоти од Втората светска војна која не беше предвидено да преживее. Одачи е еден од последните камикаѕи, и тој сака да ја потсети Јапонија дека пред настапувањето на нејзиниот современ успех, имаше период кога младите пилоти ги даваа своите животи за земјата, пренесува „Њујорк тајмс“.

Повеќе од шест децении, 93-годишниот Одачи ја чувал неговата тајна. На 17 години, тој станал дел од камикаѕите, еден од илјадници млади јапонски пилоти кои имале задача да ги дадат своите животи во самоубиствени мисии при крајот на Втората светска војна.

Одачи, кој е пензиониран полицаец, ја чувал неговата тајна дури и од неговото најблиско семејство. Неговата сопруга знаела само дека тој бил пилот во минатото. Одачи сметал дека откривањето на неговите тајни би било премногу тешко да се објасни на општество кое претежно гледа на камикаѕите како манијакални фанатици кои доброволно се пријавувале за да ја дадат најголемата, незамислива жртва за нивната земја.

Во 2016 година, тој ги објави неговите мемоари, раскажувајќи како секоја ноќ заспивал прашувајќи се дали веќе утредента ќе дојде неговиот ред да умре за една изгубена кауза. Книгата беше објавена на англиски во септември, на одбележувањето на 75-годишнината од крајот на конфликтот.

Преку неговите мемоари, тој се надева дека ќе ги овековечи пилотите кои биле млади момчиња, а чијашто храброст и патриотизам биле брутално злоупотребени. Камикаѕите се најпотентниот симбол на војната во Јапонија, и претставуваат живописен пример за опасностите од национализмот и воениот фанатизам.

– Не сакам никој да заборави дека прекрасната земја што Јапонија е денес, беше изградена врз темелите на нивната прерана смрт. Јас сум еден од последните живи членови на група што не требаше никогаш да преживее – рече Одачи во неодамнешно интервју. 

За некои, камикаѕите се симбол на традиционалните доблести и духот на самопожртвуваност, и веруваат дека е таквиот дух е отсутен од модерната Јапонија. За други, камикаѕите се дел од генерација што е уништена од јапонскиот милитаризам и  потсетник за  одржување на повоениот пацифизам во земјата.

Одачи на 18-годишна возраст облечен во пилотска униформа

Одачи доброволно се борел во војната, иако не верувал дека неговата земја ќе победи. Тој бил подготвен да умре за да ги заштити оние кои ги сакал, но не и да го жртвува својот живот напразно. Одачи волонтирал во 1943 година и се приклучил на Јокарен, елитна група која користела тинејџери кои биле обучени како пилоти на морнарицата. Нивна единствена цел била да предизвикаат што е можно поголема воена штета во битката, по цена на ницните млади животи.

– Кадетите беа славени како цвеќињата на црешата, цвет чија живописна убавина е нагласена со кратко постоење. Дури и копчињата на униформите беа врежани со цветот и служеа како потсетник за непосредна смрт во битките – вели Одачи. 

Во неговите мемоари, Одачи опишува како секоја вечер офицерите објавувале кој ќе лета во битка следниот ден. Чувството било како одново добивање смртна казна секој нов ден, а стомакот му се превртувал. 

– Наша единствена цел беше последниот момен во битката, со кој требаше да направиме што повеќе штета. Тој момент, сепак, за мене никогаш не дојде – вели Одачи.

На денот на неговата мисија, додека неговиот авион бил подготвуван за борба, член на копнениот екипаж истрчал на пистата со поразителни вести. Царот на Јапонија објавил дека војната е изгубена. Одачи набрзо потоа заминал дома.

По враќањето дома, тој го фрлил во оган својот церемонијален краток меч, кој го означува неговиот статус како камикаѕе. Неговите единствени сувенири од војната се неколку фотографии и подарок од млада жена што ја запознал во Тајван: свилена шамија, изработена од падобран и извезена со цвеќиња од цреша и сино сидро, симболот на Јокарен камикаѕите. Тој никогаш не го открил идентитетот на жената, и е една од ретките работи за која тој сè уште одбива да зборува.

– Луѓето мислат дека камикаѕите не ги ценеа и сакаа сопствените животи. Сакам да ги потсетам моите сограѓани на пожртвуваноста и храбороста на кои оваа земја е изградена. Немаше ниту еден млад човек меѓу нас што сакаше да умре – вели Одачи.