Светските медиуми непрекинато известуваат дека во повеќе земји на Блискиот Исток поради големите суши секнува пивката вода, а тамошното население се дига на протести и политички акции за промена на владите во Иран, Либан и во Судан

Која е заднината на серијата протести на Блискиот Исток

Од година на година во сѐ позасилено темпо, пивката водата се чини дека прераснува во ресурс што во иднина тешко дека ќе биде достапен за сите земји во светот. Недостигот од чистата вода, која се смета за неопходен и есенцијален ресурс за животот на луѓето, е евидентен изминатиов период особено во земјите на Блискиот Исток и во Африка. Во неколку држави како Иран, Либан и Судан во моментов се активни насилни протести што имаат заеднички именител, кој вели дека населението на овие земји нема чиста вода за секојдневна употреба.
Светските медиуми многу внимателно го следат развојот на случувањата и секојдневно информираат за разврската на овие несекојдневни случувања, за кои се претпоставува дека во иднина може да се прошират на повеќе локации во светот. Во свој текст, РСЕ на оваа тема наведува дека најсериозна е состојбата околу протестите за чиста вода во југозападната иранска провинција Кузестан. Како што пренесува медиумот, илјадници луѓе протестираат против недостигот од вода за пиење, предизвикан од големата суша и од повеќегодишното државно лошо управување со природните ресурси, како и од слабото планирање во Кузестан, регион богат со нафта. Во покраината има околу 80 проценти од нафтените полиња и 60 проценти од резервите на природен гас во земјата.
Но нејзините жители велат дека немаат корист од ваквото богатство бидејќи се соочуваат со загадување, уништување на полињата и недостиг од вода, што ги уништува земјоделството и сточарството.
– Повеќе од 700 села во регионот се соочуваат со тешкотии во пристапот до вода и многу жители добиваат вода само преку цистерни што ги испраќа Владата – пишува медиумот.

На човештвото му се заканува суша

Во меѓувреме, новинските агенции на оваа тема исто така пренесуваат дека и Либан, земја што е сместена на Медитеранот и е богата со планини, шуми, езера и реки, од неодамна се соочува со криза за пивка вода. Имено, УНИЦЕФ изминатиов период предупреди дека либанскиот систем за снабдување со вода е на раб на колапс. За само неколку недели четири милиони луѓе, меѓу кои и еден милион бегалци, може да бидат во ризик од губење на пристапот до чиста вода, затоа што пумпањето вода постепено ќе запре низ земјата поради проблеми во менаџирањето со ресурсот. Ако јавниот систем за снабдување со вода колабира, УНИЦЕФ проценува дека трошоците за водата можат да скокнат и до 200 отсто месечно, а фамилиите ќе бидат принудени да наоѓаат вода од алтернативни или приватни доставувачи.
– За голем дел од екстремно ранливите домаќинства во Либан, цената на водата ќе биде превисока и таа ќе чини 2,5 пати повеќе од просечните месечни примања, што може да доведе до бран протести и немири во земјата – пишува британски „Индепендент“.

Растечка побарувачка

Во своја анализа на оваа тема, „Дојче веле“ информира дека само 2,5 отсто од водата е слатка вода. Дополнително, според медиумот, од овие 2,5 проценти повеќе од две третини се замрзнати на половите и во глечерите.
– Кога ќе се пресмета сѐ, собере и одземе, ни останува многу мал дел од водата што човештвото може да ја користи за пиење, за готвење, за наводнување на земјоделски култури и како вода за добитокот – заклучува „Дојче веле“. Медиумот потсетува дека според една студија од 2016 година, која ја направил Универзитетот во Твенте во Холандија, четири милијарди луѓе би можеле да се соочат со сериозен недостиг од вода во период од најмалку еден месец секоја година.
– Во некои региони луѓето веќе се сериозно погодени од суши и недостиг од вода во пандемијата. На пример, милиони луѓе на Рогот на Африка се соочуваат со глад и болести по неколкугодишна суша, а Пакистан може да пресуши комплетно до 2025 година – се сугерира во извештајот на универзитетот. За „Дојче веле“, Јоханес Шмистер, експерт за вода од ВВФ Германија, вели дека локално проблемот е многу сериозен и сите достапни бројки и согледувања на глобално ниво укажуваат на тоа дека ситуацијата ќе стане потешка.