Германските пиварници преку отворено писмо до владата побараа финансиска помош затоа што се во опасност од колапс поради наглиот пад на побарувачката во услови на заклучувањата предизвикани од корона-кризата.

Германија ги затвори пабовите, хотелите и рестораните во вториот карантин, во ноември минатата година, потсетува Ројтерс.

Во отворено писмо од здружението, потпишано од околу 300 пиварници, се бара финансиска помош од владата, како дел од програмата за поддршка. Пиварниците наведуваат дека биле принудени да фрлат големи количини непродадено пиво.

Владата обезбеди помош за пабовите и баровите, но не и за пиварниците, пишува „Ројтерс“.

– Од недела во недела, сè повеќе пиварници, пабови во нивна сопственост и трговци на големо, без нивна вина, се соочуваат со опасност од колапс и закана од банкрот – се вели во отвореното писмо од здружението.

Писмото, меѓу другото, го потпишаа германскиот огранок на данската пивара Карлсберг, Битбургер Браугрупе, Кромбахер и Поланер Брауреи.

– Поради заклучувањето и како последица на тоа, пиварниците останаа без добар дел од нивните економски основи, преку ноќ – пишуваат пиварниците.

– Залихите пиво со истечен рок на траење, вредни милиони евра, мораше да се фрлат – додаваат тие.

Во исто време, тие велат дека продажбата на флаширано пиво во продавниците не била доволна за да се компензира изгубената продажба во угостителскиот сектор и слабиот извоз.

Пиварниците продале околу 8,7 милијарди хектолитри пиво минатата година, што е за 5,5 проценти помалку од претходната година, соопшти германскиот завод за статистика.